Тимот графички дизајнери при Секторот за односи со јавноста во Владата се автори на логото за јубилејот 30 години независност на државата, вели владиниот портпарол Душко Арсовски за Сакам да кажам.
Портпаролите на Владата, Арсовски и Муамет Хоџа вчера на прес-конференција го претставија логото кое ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата. Логото било одобрено на 87. седница на Владата.
Дизајнот имплицира дека знамето има 12 краци, а не 8 и не е употребено уставното име на земјата – Република Северна Македонија, туку само Северна Македонија.
Од Владата велат дека логото е составено од повеќе елементи, но потенцираат дека не го содржи државното знаме. Логото за јубилејот „30 години независност“ е составено од повеќе елементи.
На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност.
Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон.
И оваа, и други влади, за државни празници низ годините наназад, често користеле разни варијации на сонцето како симбол кој зборува за државноста на нашата земја.
Владата смета дека знамето има специфична државна вредност и дека истото не треба да се става во логоа за прослави туку истото треба да се користи издвоено, засебно, чисто, со јасно истакнување на настани и исклучиво онака како што е пропишано со Законот за употреба на грбот, химната и знамето.
Затоа, сонцето употребено во логото за 30-години независност е со поинакви и поголем број краци од сонцето од државното знаме.