Изминатава година, целиот свет се соочи со тешка здравствена криза, која со себе ги истакна недоследностите и на здравствените, но и севкупно на економските и политичките системи во државите. Најзатекнати од здравствената непогода останаа земјите кои сеуште го живеат процесот на транзиција, а воедно и државите од Западен Балкан и Северна Македонија кои се соочија со тежок колапс на здравствениот систем. Дел од овие држави реагираа навремено и спречија ширење на заразата, се насочија кон заздравување на здравствениот систем, започнаа со масовна вакцинација, обнова и реорганизација на здравствените установи, но и различна помош и поддршка за граѓаните кои се најдоа на работ на кризата.
За време на пандемијата со Ковид-19, Владата на Република Северна Македонија имаше еден главен приоритет: заштита на здравјето на луѓето и нивниот живот, па како резултат на тоа беа предвидени различни мерки и активности за заштита на граѓаните, беа воведени рестриктивни мерки и препораки (носење маска, држење дистанца и задолжителна дезинфекција) што требаше да обезбеди барем привремена заштита додека државата не обезбеди вакцини против Ковид за масовна вакцинација на населението.
Во почетокот на месец мај, Северна Македонија ги доби и првите вакцини на производителот АстраЗенека, а подоцна во текот на следните месеци привремено се обезбедуваа вакцини како би се постигнала ефективна имунизација на граѓаните, која за жал затајуваше поради недостиг на вакцини.
Кога станува збор за заштитата на граѓаните од Ковид-19 по градови и населени места, во дел од нив има поголем, но во еден дел мал интерес за имунизација што е поврзано со различни фактори: недоверба на граѓаните во системот, недоверба во степенот на заштита кој се обезбедува со вакцините, воопшто недоверба дека постои Ковид-19 поддржана со медиумски пропаганди и анти-вакцини кампањи кои влеваат страв и неверување кај граѓаните. Битно е да се напомене, дека посебно засегнати од овие состојби се маргинализираните групи на граѓани кои фактот што се маргинализирани им предизвикува дополнителни проблеми и им го ограничува пристапот до здравствени права. Пандемијата си го направи своето и истиснати од здравствениот систем и лошата економска ситуација во која се наоѓаат овие граѓани останаа на границите на сиромаштијата и надвор од секаква заштита.
Поради затекнатата состојба на терен, а познавајќи го населението од општина Прилеп и околните рурални места, Здружението Станица П.Е.Т. организираше различни едукативни настани и работилници, како онлајн, така и офлајн со цел приближување на здравствените права до маргинализираните групи на граѓани (Роми, граѓаните кои живеат во околните рурални места), а и за зголемување на свеста за задолжителна хигиена посебно за време на пандемијата со Ковид-19. И покрај тоа што граѓаните имаат можност да учат и да се едуцираат за нивните права и потреби, не секогаш имаат доволно финансиски можности за да си обезбедат средства за хигиена, посебно сега за време на летниот период кога температурите се особено високи и надвор од просекот. Дополнителен проблем за граѓаните од Ромската заедница, посебно во населбите Три багреми и Дебарца, претставува недостигот од здрава и чиста вода за пиење која се обезбедува од маалски чешми, а кое има исклучително значење како во одржување на редовна хигиена, така и за заштита од летните високи температури. Исто така, како дополнителен проблем се истакнува и немањето на канализација што предизвикува дополнителни проблеми и тешкотии во секојдневното функционирање на граѓаните поради лоши хигиенски услови.
Сите овие проблеми, кои се само дел од секојдневниот живот на граѓаните од овие населби, покрај сиромаштијата со која се соочуваат, ги доведува до непристапност до здравствените услуги, а дополнително им создава и нови потешкотии кои не се директно поврзани со Ковид-19. Така, во изминатиот период сведоци сме на дополнителни зарази и стомачни вируси кај дел од населението, како поради високите температури, така и поради недоволната хигиена. Уште потежок е фактот што во случаите кога граѓаните се соочуваат со стомачни вируси, немаат доволно средства за да си обезбедат потребни лекови, а уште помалку здрава вода за пиење, здрава исхрана, соодветна хигиена и одмор. Ова неминовно, води до прашањето – Како граѓаните кои немаат доволно средства за да си обезбедат егзистенција, чиста вода за пиење и средства за заштита од други болести, би можеле да веруваат во Ковид-19 и вакцинацијата?, кога за нив Ковид претставува само уште една болест која оној кој ќе ја преживее ќе им прераскажува на внуците како светот се соочил со една тешка зараза која покоси голем дел од светското население. Како за нив Ковид – 19 би бил поразличен од еден стомачен вирус, кога тие немаат средства да се справат ниту со едниот, ниту со другиот вирус подеднакво?
Сите овие прашања би требало да допрат до институциите од кои се очекува заштита на овие маргинализирани групи на граѓани кои живеат на работ на сиромаштијата без извор на средства за основна егзистенција. Лесно е да се зборува за права и здравствена заштита на граѓаните, но дали сите имаме еднаков пристап до нив и средства за да си ги обезбедиме? Дали Ковид-19 не направи посовесни посолидарни едни кон други, или само ја зголеми актуелната дистанца која ја имаме сите во последниве години?
Автор: СТАНИЦА П.Е.Т.