Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски вчера на партиската трибина истакна дека денес Крушево е туристички посакувана дестинација и е поубаво за сите. Но сепак тоа не било така на почетокот на неговиот мандат, кога наследил голем долг и извршители.
„Во 2017 година почнавме од нула, односно со 420 илјади евра долг и уште три кредити наталожени. Тоа значеше дека секој ден имавме извршители во општината и бевме пред блокирање на сметката“, рече Христоски.
Тој кажа дека со преземањето на локалната власт, започнале со кратење на неразумните трошоци и насочување на фокусот на барањата на грааѓните.
„Затоа денес гордо стојам пред вас и можам да кажам дека направивме капитални проекти кои претходно беа само поим. Реконструиравме улици, водоводи, канализациони мрежи, резерваи за вода, патишта и имаме полетиште за параглајдеризам кое е трето во светот“, кажа Христоски.
Тој најави дека е убеден дека ќе добие втор мандат и дека ќе продолжи со истото високо ниво на транспарентност и општина Крушево да продолжи да биде пример во реализацијата на проектите.