ВИДЕО – ,,Ве сакам сите” на 103 јазици – животот на Тоше преку музејските поставки во Спомен домот

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Спомен домот на Тоше Проески во Крушево оваа 2021 година одбележува 10 години од своето постоење. Идејното решение за објектот е на архитектите Дејан Секулоски и Дејан Спасеноски, во соработка со Илија Божиновски. За изгледот на музејот е распишан меѓународен конкурс во јануари 2008 година, а на 25 јануари 2009 година е поставен камен темелникот. Музејот е отворен на 25 април 2011 година, на вториот ден од Велигден, така е одлучено бидејќи Тоше беше голем верник. За 10 години домот го посетиле над 700.000 посетители.

„Оваа година се навршија 10 години од отворањето на овој помодерен Меморијален центар, кој плени со својот изглед и модерен дизајн и кој на некој начин се вклучи во историското Крушево и старата влашка архитектура, вклопувајќи се како момент кој пркоси на времето. Цврстината, единственоста, долговeчноста се карактеристика на бетонот како материјал, тоа се всушност делата кои Тоше ги остави зад себе. Белата боја е симбол на неговата чиста душа, а додека стаклото е симбол на човековата ранливост и минливост. Ваквата композицијата, на меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, на кој фестивал беа пријавени над 1.000 проекти, беше прогласено како најдобро архитектонско дело за 2011 година“, истакна Бети Талеска, директор на Спомен домот Тоше Проески.

На самиот влез во музејот вдлабени во бетонот ве пречекуваат буквите Т и П –  Тоше Проески. Како и слика со неговиот препознатлив слоган – „Ве сакам сите“.

Првото нешто кое не пречекува кога ќе влеземе во Спомен домот е токму оваа слика тука поставена на самиот влез. Мислам дека тоа е единственото место каде на посетителите им е дозволено да се фотографираат во самиот Спомен дом?

„Точно така, ова е реализиран проект во соработка со Министерство за култура, одобрен се разбира и од неговите родители, посетителите кои го посетуваат музејот да имаат фотографија за спомен со Тоше. Тој е во реална големина, фотографијата е од првиот концерт на градски стадион во Скопје. Луѓето кои немале можност да се фотографираат со Тоше, мислам додека тој беше меѓу нас, да имаат прилика да се фотографираат со него“, истакна Надица Талеска, кустос во Спомен домот.

Од кога рековте дека потекнува оваа слика?

„Од Градски стадион 2004 година, првиот, историскиот за Македонија концерт. Кога прв македонски пејач, токму Тоше, реализираз прв концерт на стадион“, додаде Талеска.

Тука е и неговата позната реченица „Ве сакам сите“.

„Да, неговото животно мото со кое се обраќаше на почетокот на секој концерт и во текот на концертите тој по неколку пати ја поздравуваше публиката со неговото, пред се искрено „Ве сакам сите“, вели Талеска.

Токму од ова место започнува и онаа тура кога ќе доѓаат посетителите?

„Да, после фотографирањето сo Тоше. Луѓето се изненадени од претходно, пред да биде поставена оваа фотографија за фотографирање, се изненадени дека сме дозволиле на едно место да се фотографираат со Тоше, на која тој е насмеан, неговата харизма, позитивна енергија, неговата препознатлива насмевка, која освојуваше милионска публика“, рече Талеска.

Ајде да започнеме со турата низ Спомен домот!

 

Ова е првата витрина која не пречекува во Спомен домот, кога ќе дојдеме, а тоа е детството на Тоше Проески.

„Така да, Спомен куќата го опфаќа целиот живот на Тоше од неговото раѓање, од далечната би рекла сега 1981 година, 25 јануари, кога едно зимско претпладне се роди нашиот ангел. Неговите родители со самото нивно дозволување да неговите лични предмети бидат музејски експонати во музејот, се реализира животната приказна на нашиот популарен Тоше. Неговото детство, неговите школски денови, протекоа во Основното училиште „Никола Карев“. Тоше желба кон музиката пројави уште од рана возраст и веќе средното музичко училиште го заврши во Битола. Тоа беше негова иницијатива да се занимава со музика. Го заврши со одличен успех и примерно поведение и основното и средното музичко училиште. 1999 година матурант во Битола, таблото и алманахот. Неколку стихови пишани за него и неговите соученици. Неговите почетоци во јавност датираат од неговиот настап на детскиот музички фестивал „Златно Славејче“, првиот воедно детски јавен настап на Тоше, kako 11 годишно момче“, вели Талеска.

Тоа е оваа благодарница тука, така?

„Да таа благодарница ја доби токму за учеството, песната е на влашки јазик, во дует со девојче од Крушево. Далечната исто 1992 година. И неговите почетоци датираат од многу рано. Со свои неполни 16 години Тоше втор пат во јасност се појави пред публиката на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп. Изведбата „Yesterday“ од Битлси, светски хит, отпеан, младо момче кое уште од самиот почеток ги покажа своите вокални квалитети и сите започнуваат да претпоставуваат, уште од самите почетоци, дека од него би било голема ѕвезда“, кажа Талеска.

Практично од тој момент се отвораат вратите на музичката кариера за него?

Да, кај Тоше јас ќе речам дека пресуди публиката. Тоше од секој концерт на наредниот имаше се повеќе и повеќе публика. Така што за кратко време се создаде милионска публика на Балканот. Тоше ги надмина и границите на Македонија, веќе излезе на меѓунардно ниво“, потенцираше Талеска.

Сега се наоѓаме во делот на музејот каде што имаме две восочни фигури од Тоше. Тука е малку и потемно, да нема светлина, да нема топлина, поради самиот восок.

„Заради одржување на восочните фигури потребна е и малку потемна просторија, но доволно светла за да секој посетител го погледни ликот на Тоше и да се присети на неговото присуство. На двете восочни фигури Тоше е прикажан како што беше комплетен во музиката. И пејач и композитор. Инаку тој е и кантавтор на свои авторски композиции, пишувани за себе, за своите потреби, за своите албуми, пишуваше на негови колеги композиции, повеќе оној музичкиот дел на композицијата, а поретко текстови на негови на авторски композиции. Тоше има богата архива, останаа демо снимки, необјавени, во неговото музичко студио кое е токму пред нас. Овој амбиент е идентично пренесен од неговата куќа во Скопје, каде живееше и работеше последните години. Се разбира и облеката на восочната фигура, неговите тренерки, патики. Морам да потврдам и тоа дека восочните фигури се во реална големина“, кажа Талеска.

Каде се правени?

„Во Украина, во Киев, украинската школа за восочни фигури ги изработи и двете со ликот на Тоше“, вели Талеска.

Ова е можеби дел од музејот кој најмногу привлекува внимание кај посетителите, затоа што Тоше го доживуваме како да е жив, како е до нас?

„Кај многу луѓе се појавува сликата за Тоше како да е жив. И навистина факт е дека музејот постои да го поврзи материјалното со емотивното чувство, што го имаме како посетители и фанови на Тоше. Човек кој сите ние кои го познававме да тоа го почувствуваме, дека неговото присутво се уште трае и ќе се пренесува генерациски низ наредните генерации“, вели Талеска.

Оваа фигура рековте дека е од неговото студио во Скопје, а додека другата е од концерт?

„Да, таа е од последниот негов концерт на стадион во Скопје, третиот по ред. Тоа е всушност најголемиот хуманитарен концерт одржан во државава, во Македонија, а еден и од најголемите хуманитарни концерти на Балканот. Тоше својот последен концерт на 5 октомври 2007 година на градски стадион го имаше и своето ѕвездено небо. Тоа е симулацијата на ламбичките на плафонот. Амбиентот кога во еден момент Тоше ја повика публиката, својата драга публика, да ги подигнат и да ги уклучат мобилните телефони со зборовите „Дајте да направиме ѕвездено небо“. Тоа е неговиот комплетен стајлинг, облеката од 5 октомври, посетители кои доаѓаат да ја посетат Спомен куќата, изненадени се и воодушевени, се чувствуваат исто како и на неговиот последен концерт, тие што биле во живо“, раскажува Талеска.

Споменавте дека еден од материјалите од кои е направен овој Спомен дом е стаклото, кое што го означува кршливоста на човечкиот живот, а токму на тие стакла се напишани најубавите песни на Тоше, тука стоиме пред песната „Игри без граници“.

„Точно така, овие стаклени површини што се во централнот изложбен дел на музејот, на нив се токму напишани цели текстови кои ги отпеа Тоше. Тоше отпеа хитови, Тоше сите песни кои ги отпеа ги направи хитови пред публиката. „Игри без граници“ тоа е првата песна на неговиот последен албум што го издаде и промовираше во 2007 година. Автобиографска, не потсетува на моментот кога се случи несреќата, не потсетува на крајот на она убавото кое го имавме со Тоше. Меѓутоа ете песната случајно или не, само тој си знае дали ја отпеа автобиографски. Текстовите инаку напишани на стаклата се на неколку јазици. Тоше се прилагоди да го задоволи вкусот на Балканската публика. Тоше пееше на српски, хрватски, словенски, италијански и англиски во своите албуми. Токму текстот на „Још увјек сањам да смо заједно“, Тоше е автор на композицијата, песната која се издаде постхумно. Една од првите постхумно издадени композиции, после трагичниот настан“, вели Талеска.

Колку композиции има тука на стаклата во Домот?

„На стаклата во долниот дел има 8 различни композиции, а горе на горниот кат се 4 различни со македонски превод, бидејќи 3 се на англиски јазик, а „Арија“ на италијански јазик што ја отпеа со Џана Нанини, познатата италијанска пејачка, тоа е веќе на последниот, на англискиот албум“, додаде Талеска.

Тука се наоѓаме пред една од витрините во музејот каде се наоѓа омилениот музички инструмент на кој што свиреше Тоше, а тоа е гитарата.

„Точно така, Тоше уште многу рано пројави желба да свири инструмент, како негов омилен гитарата. Првата акустична гитара, од неговото најрано детство. Ги започна првите акорди со овој инструмент. Тоше беше и мултиинструменталист. Интересот кон останати инструменти го пројави малку покасно, свиреше пијано, клавијатури. Изборен музички инструмент кога се запиша во средното музичко училиште во Битола беше кларинетот. Неговиот кларинет е исто така изложен во една од поставките од музејот. Тоше свиреше без проблем удирачки инструменти, значи мултиинструменталист“, истакна Талеска.

Тоше освен што се занимаваше со музика имаше и свое хоби, а тоа е возењето на велосипед и мотор.

„Како и сите млади луѓе и Тоше имаше желба да ги прави истите активности како што ги прават сите млади. Возењето на велосипед го опушташе посебно во Крушево, а посебно големо желба имаше да вози мотор. Тука е дел од неговата моторџиска облека, фотографиите, сликан со неговиот мотор, возеше „Хонда“, го исполнуваше особено во слободните активности“, рече Талеска.

Тие велосипед и мотор можат да се видат и се наоѓаат тука практично во самиот центар на овој Спомен дом?

„Како посебни музејски експонати, се исто така во музејот на Тоше“, додаде Талеска.

Колку посетителите сакаат да ги видат, да ги допрат, можеби и некои дечиња се обиделе да се качат на нив?

„Секако да, бидејќи тие се од Тоше, секој има желба да го почувствува нештото кое го користел тој“, истакна Талеска.

Велосипедот и моторот беа едни од неговите хобиа, но тука во оваа витрина, во ќошот, може да забележиме дека Тоше се занимаваше и со спорт, односно неговиот омилен спорт беше одбојката.

„Тоше во своето слободно време го практикуваше и спортот. Тоа го започна од најрана возраст, неговите два омилени спортови кои ги практикуваше кик боксот и одбојката посебно. Што е официјален спорт во Крушево и има богата долгогодишна традиција. Таа богата традиција на постоење на одбојкарскиот спорт во Крушево ја продолжи токму Тоше и еве трае и ден денес во негова чест. Член на одбојкарскиот клуб од неговите средношколски денови, последната 2007 година загарантира стабилен спонзор, неговите спонзори Синалко. Кои функционираат како спонзори на одбојкарскиот клуб и ден денес. До последниот ден беше регистриран член на клубот. Дресот со број 9, патиките Асикс, токму неговата одбојкарска опрема во која пред 3 дена, пред трагичниот настан Тоше ја одигра својата последна утакмица“, рече Талеска.

Тука во Крушево?

„Во Крушево, во спортската сала беше одиграна последната одбојкарска утакмица, кога за жал ниту очекуваме дека ќе биде негова последна одиграна“, вели Талеска.

Сигурно и трибините беа преполни кога играше Тоше?

Преполни, скандирања од трибините, се очекуваше секој момент, Тоше играше втора постава во одбојкарскиот клуб, во секој момент се очекуваше Тоше да влези во игра и да поентира. Секако дека имаше успех и постигнато неколку поени на таа последната негова утакмица во која тој зеде учество. Како втора пасија во животот после музиката јас би рекла дека на Тоше му беше и му остана спортот. Тој секогаш имаше одлична кондиција за сите негови концерти за сите негови патувања. Темпераментот, младоста си го правеа своето, меѓутоа и спортот како втора пасија во животот“, истакна Талеска.

„Во поставката „Личниот живот на Тоше“ тоа се негови приватни предмети меѓу кои и неговите оригинални документи, меѓу нив и дипломатскиот пасош кој го доби како амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, член на светската организација УНИЦЕФ. Членството во УНИЦЕФ 2003 година, на негова 22 годишна возраст беше како најмлад член на УНИЦЕФ таа година. Ослободен да патува без виза, не му претставуваше никаков проблем, после добивањето на дипломатскиот пасош“, раскажува Талеска.

Тука се наоѓаат предмети поврзани со духовноста, религиозната определба и вербата во Бог на Тоше?

 „Целиот музеј како што и кажавме има форма на крст погледнат од птичја перспектива, токму тоа ја потврдува неговата духовност. Иако млад човек беше длабоко навлезен во религијата и со голема верба во Бог ги постигнуваше неговите успеси и резулатите како што и самиот го потврдуваше тоа. Во поставката тука има духовна литература што ја читаше Тоше. Дел од неговите лично поседувани икони, меѓу кои и последната и позлатена икона која ја купи во 2007 година во Ерусалим, кога се поклони на гробот на Исус Христос“, рече Талеска.

Тука во поставката има и една наметка, што е таа?

„Тоа е кошулата со апликација Кршетение на Исус Христос со која Тоше влезе во реката Јордан, односно она т.н. второ крштевање го изврши во реката Јордан, истата 2007 година, неколку месеци пред трагичниот настан. Го читаше Светото писмо – Библијата, тука се дел од предметите кои ги набавуваше посетувајќи голем дел верски објекти“, вели Талеска.

Тоше беше можеби еден најголемите хуманисти во Македонија, а колку помагал на луѓето за жал се дозна многу повеќе после неговата смрт. Аманетот кој ни го остави да се сакаме сите и да си помагаме еден на друг мислам дека продолжува и во овие генерации што ги имаме денес?

„Тоше остави драгоцени моменти од неговото помагање, несебична помош, на луѓе за кои чувствуваше дека им е најпотребна помош. Тоше многу помагаше на деца без родители во домовите ширум државата и надвор од Македонија, лица со посебни потреби исто така од специјалните заводи, ги посетуваше, финансиски ги потпомагаше, речиси редовно. Од неговата заработувачка, од продажба на влезниците за концертите, од кој најголем број беа хуманитарни и од продажба на цедињата од неговите албуми, Тоше многу даваше за хумани цели. Помошта која тој им ја пружи на луѓето беше без возврат. Неговата благородност и хуманост, не научи дека треба да се почитуваме и да го продолжиме неговото хумано дело. Добитник на дел од наградите, благодарниците во област на хуманоста. Добитник беше на европското признание за европско делување во хуманоста во форма на пеперутка. Добитник на признанието од партијата на власите, Тоше и Мајка Тереза. Тој побуден од хуманоста на Мајка Тереза, исто наша македонка, родена во Скопје, која помагаше речиси на целиот свет. Тоше на еден начин го продолжи нејзиното хумано дело. Добитник од фондација „Мајка Тереза“ на двете статуетки со нејзиниот лик. Неговата хуманост беше драгоцена и со помагање како крводарител, почесен член на Црвениот крст, одликуван со Златен медал, поради помошта да спаси човечки живот, преку крводарителството“, додаде Талеска.

Полека се движиме кон второто ниво од Спомен домот Тоше Проески, тука по оваа патека од десната страна на овој ѕид ја има онаа позната реченица „Ве сакам сите“.

„Точно, тоа е неговото искрено животно мото, напишано е тука на 103 светски јазици. Тоше ги сакаше сите без разлика на која нација или вера припаѓаат без оглед на возраста на неговите фанови. Искреноста беше во секоја буква, во секој кажан збор, од неговото „Ве сакам сите“, потенцираше Талеска.

Со оваа реченица од Тоше преминуваме во второто ниво на овој Спомен дом.

„Во горниот дел е неговата дневна соба, вклучувајќи ја и неговата собна гарнитура, со сите негови предмети, уметнички слики вклучувајќи ги и двете приватни фотографии“, вели Талеска.

Оваа дневна соба беше од неговиот стан во Скопје?

„Да, таа беше сместена во овој амбиент и во неговата родна куќа во Крушево каде илјадници луѓе првите две години, пред да се изгради музејот, ја посетуваа неговата родна куќа“, истакна Талеска.

Спомен домот е достоен чувар на неговиот лик и дело, освен што тука се наоѓаат и голем број негови лични предмети секоја година се одржуваат активности во негова чест.

„Преку низа проекти, музички работилници, едукативни настани, крводарителски акции, хуманирни настани се обидуваме на некој начин да го доближиме Тоше до посетителите и да ги привлечеме да не посетат нас како музеј. Изминатите години имавме добра соработка, се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со националните установи, со музеи, со општини, соработка со надлежното Министерство за култура преку која соработка црпиме идеи, искуства и ресурси со цел да го промовираме нашето културно наследство“, кажа Бети Талеска, директор на Спомен домот Тоше Проески.

Колку често се менува тука поставката во музејот?

„Поставката обично ја менуваме два пати годишно, за роденденот на Тоше на 25 јануари и на денот на трагичната несреќа на 16 октомври“, вели Талеска.

Дали има некои предмети кои би се изложиле во иднина, а досега не биле изложени?

„350 експонати се изложени, а во депото има уште 300 експонати неизложени, тоа се предмети, облека кои Тоше ги користеше како дел од неговото секојдневие, дел од неговите концерти и дел од неговите спотови кои ги снимаше“, рече Талеска.

Кои се идните планови на Спомен домот и неговата мисија?

„Нашата иднина е патека која веќе 10 години ја трасираме и успеваме плодно да ја изградиме таа патека. Во иднина ќе се потрудиме да ја надоградиме и достојно да постоиме како репрезент кој е веќе препознатлив и во македоската јавност и во самото Крушево“, потенцираше Талеска.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2021 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи