Вработливоста сама по себе има големо значење во дефинирањето на правилни политики на пазарот на трудот, а со тоа е тесно поврзан и самиот напредок и развој во едно општество. Реалните сознанија за постоењето на вештини за вработливост кај младите претставува дел од многуте елементи во сложувалката, која е клучна во креирање на политики кои се релевантни на потребите на младите.
Вработувањето на младите сеуште претставува голем предизвик за политиките кои ги спроведува Владата и покрај позитивните трендови за намалување на невработеноста на младите. Во месец Февруари 2021 година во Агенцијата за вработување евидентирани се 159.608 невработени лица – активни баратели на работа и во однос на месец март 2020 година бележи зголемување за 51.876 невработени лица, од кои според возраст 23,9% (38.200) се млади на возраст до 29 години.
Додека пак од друга страна, младите лица кои се активни на пазарот на трудот во пракса се соочуваат со многубројни бариери кои се производ од разни недостатоци во нивната подготовка за влез на пазарот на трудот. Кариерниот развој на една личност е тесно поврзан со индивидуалното кариерно насочување на личноста, животните вештини на таа личност како и неговите компетенции за работната позиција.
Со цел да се подобри состојбата во однос на младинската вработливост, сметам дека потребно е да се направат интервенции во следните сегменти:
Образование – да се координираат програмите во основните и средните училишта со потребите на пазарот на трудот, како и воведување на кариерни советници (кариерно насочување) во основните училишта како кариерно советување во средните училишта, вклучително и реактивирање на кариерните центри во средните училишта, преку кои би се зајакнале младите во изборот на понатамошно образование т.е. професија.
Комуникација со младите – институциите и организациите потребно е да го прилагодат начинот на информирање кон младите, тие мораат да се обраќаат со младинско пријателски јазик. Постојана, навремена и двонасочна комуникација е потребна со младите, преку која би се пренесувале лесно разбирливи и концизни пораки.
Агенција за вработување – потребно е да се направат напори за јакнење на капацитетот на постоечкиот кадар во центрите за вработување, со цел да се подобри квалитетот на испорака на услуги кои се наменети за поддршка на младите, односно да се обучат вработените, со цел поквалитетно спроведување на Младинската гаранција.
Автор: Викторија Смилеска, соработник во Коалиција на младински организации СЕГА