Победа до овој момент има 5 појачувања, 5 нови играчи. Пред неколку дена се објавија последните двајца, Карчески и Кукески, а претходно на тимот се приклучија Момироски, Дигалоски и Спиркоски. Според претседателот на клубот, Емил Јанески, сега квалитетот на Победа бил многу посилен и отскокнувал од квалитетот на сите останати екипи од Втора лига – Исток.
„Наша обврска како менаџерски тим на фудбалскиот тим „Победа“ е да обезбедиме финансиска конструкција и доволно услови за фудбалерите да можат квалитетите да ги презентираат на теренот. Убеден сум дека Победа наредната сезона ќе се пласира во првата македонска фудбалска лига, онаму каде што и е местото. Најфудбалскиот град во Македонија заслужува да игра значајна улога во македонскиот фудбал и очекувам дека тоа ќе се случи во наредниот период. Нека не звучи арогантно ама абсолутно ништо друго освен прво место не ми паѓа на памет и не мислам да помислам ни во најлошите соништа. Не сакам никој да потценам од останатите екипи од Втора лига – Исток, но овој пат цврсто сум убеден дека првото место природно мора да и припадне на Победа и Победа од в година, со нови сили нормално, со нова стратегија, во првата фудбалска лига. Се надевам долгорочно ќе опстојува,играјќи значајна улога, зошто да не да биде и во повисокиот дел на табелата, па и да атакува на шампионската титула, не и е непознато тоа на Победа, во самостојна Македонија два пати беше шампион. За очекување е да пројавиме амбиции и за трета титула, но како викаат старите чекор по чекор, пополека, да оваа сезона влеземе во првата фудбалска лига, а понатаму со нови планови и нови стратегии“, вели претседателот на клубот Емил Јанески.
До почетокот на првенството Победа планира да одигра неколку пријателски натпревари со цел спремни да ја дочекаат наредната сезона. Во однос пак на спонзорите Јанески вели дека целта била да се најдат 40-50 спонзори и секој според своите можности да се рекламира на градскиот стадион и на тој начин да обезбеди финансиска конструкција. Имало засега и спонзорства од фирми кои воопшто не сакале ниту да бидат споменати, само сакале да и помогнат на Победа. Од наредната сезона се очекувало и конечно да се започне со натпревари на стадионот „Гоце Делчев“.
„Секако во тек е постапка во Советот на општина Прилеп, да се направи технички прием, стадионот да го преземи Општината и Победа се врати онаму каде што и е местото. Верувајте ми, повторно од срце зборувам во најубавиот стадион во нашата држава, нема потопол стадион. Прошетајте се секаде во другите градови, во Прилеп посебно е чувството кога сте на трибините, блиску се некако до стадионот. Стадионот е со извонредни димензии, овде навистина треба да се знае да се игра фудбал за да можете да играте. Стадионот е подолг од 110 метри, ширината му е околу 72 метри, поширок е од стадионот на Барселона, Ноу Камп и овде не можете да играте бункер систем, едноставно квалитетот мора да дојде до израз. На поголем стадион, со поголеми димензии подобриот се препознава, квалитетот на крајот победува. Јас очекувам дека ниту една утакмица во Прилеп нема да биде доведена во прашање, ниту со еден противник. Но ајде да не претпоставуваме премногу, да почекаме да почне првенството, па да разговараме повторно“, додаде Јанески.