Колективни работни спорови


Колективен работен спор се смета спор по повод склучување, измена, дополнување или примена на колективен договор, остварување на правата на синдикално организирање и штрајк.

Помирувач се смета лице кое дава помош на страните во колективниот спор со цел да склучат спогодба за решавање на спорот.

Постапката за помирување на колективниот спор се води пред Одборот за помирување, кој го сочинуваат еднаков број на претставници од страните во спорот, и помирувачот, кој нема право на одлучување. Помирувачот е должен да закаже расправа во рок од три дена од денот на приемот на предлогот и документацијата.

Претставниците на страните во спорот на расправата ги изнесуваат своите ставови и предлози. Помирувачот има право и одвоено, надвор од расправата, да прибави информации и други податоци од претставниците на страните во спорот.

Одборот ја заклучува расправата во рок од 20 дена од денот на отворањето и донесува препорака за начинот на решавање на спорот. За препораката е потребно да гласаат сите членови на Одборот. Ако Одборот не донесе препорака во рок од пет дена, помирувачот може да предложи препорака. Ако страните ја прифатат препораката, склучуваат Спогодба за решавање на спорот. Ако предмет на спорот е колективен договор, препораката претставува составен дел од колективниот договор, ако предметот не е колективен договот, Спогодбата има сила на судско решение.

Страни вклучени во процес на колективно договарање може да поднесат предлог до Министерството за труд и социјална политика (во понатамошниот текст: МТСП) за учество на помирувач во процесот на колективно договарање, со цел да укаже помош и да спречи настанување спор, без право да наметне решение.

ВАЖНО! Во случај на штрајк или спор во дејностите од општ интерес или во дејностите во кои прекинот на работата би можел да го загрози животот или здравјето на луѓето или да нанесе штета од поголеми размери (електросптопанство, водостопанство, сообраќај, поштенски дејности, комунални дејности, производство на основни прехранбени производи, здравствена и ветеринарна заштита), страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Во тој случај постапката завршува во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за мирно решавање на колективниот спор. За времетраењето на постапката, штрајкот е во мирување.

 пишува: Здружение Достоинствен Работник

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи