Започна опремувањето на просторија за Советот на општина Крушево со опрема за пренесување на седниците во живо на „Фејсбук“ и „Јутјуб“. Се очекува веќе од наредниот месец седниците на совет да се одржуваат во просторија во горната училишна зграда и истите директно да се пренсуваат „онлајн“.
„Конечно дојдовме до имплементација на иновативната алатка за пренесување на седниците на Советот во живо и со тоа го подигнуваме нивото на транспарентност на Советот. Граѓаните ќе имаат можност да ги следат седниците во живо, да ги прегледуваат по завршувањето и со тоа одблиску да се запознаат со нашата работа. Се заблагодарувам на Швајцарската агенција за развој и сторабота, УНДП како имплементатор и на сите советници кои зедоа учество во проектот. Работата на советот станува поотворена, а советниците се поблиски до граѓаните“, изјави претседателот на Советот на општина Крушево Тома Петроски.
Во рамки на овој проект советниците посетуваа обуки за градење на капацитетите и се здобија со знаења за подобро и поефикасно извршување на обврските.
Имплементацијата на иновативната алатка за пренесување на седниците на советот во живо е дел од Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.