Комисијата за спречување и заштита и од дискриминација од јануари кога беше избран новиот состав до сега постапила по 108 претставки.
Најголем дел од претставките во овој период се однесуваат на дискриминацијата во полето на работните односи,.
Претседателката на Комисијата Весна Бендевска е задоволна од она што го направиле во кусиот период по формирањето и покрај, како што рече, недоволните услови, односно неопременоста и немањето кадар во стручните служби.
„Ако почневме да бараме вина и виновници немаше да стасаме никаде. Станува збор за превид и од страна на предлагачот на Законот, но и од пратениците што го усвојувале и не увиделе дека нема претпоставки за тие почетни и базични услови за формирање. Затоа повикувам да бидеме пример ова да не се повторува, односно кога имате намера да развивате ново тело во правниот систем како прв чекор треба да се предвидат овие услови“, рече таа на презентација на извештајот за работата на КСЗД во периодот од јануари до мај годинава.
Бендевска информира дека добиле поддршка од сите пратенички групи во Собранието со сегашниот ребаланс на Буџетот да добијат дополнителни средства за опрема на просториите кои државата ги доделила на трајно користење на Комисијата. Потребни се, нагласи таа, нови вработувања во стручните служби, кои, смета Бендевска, треба да претставуваат срж на Комисијата, оти нејзините членови се со минлив мандат, а стручните лица ќе останат и по нивното заминување.
Согласно новиот закон, една од новите надлежности на оваа Комисија е можноста да поднесе барање до судот да му овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae), по барање на странката или по сопствена иницијатива, како што информира членот на Комисијата Игор Јадроски, во март годинава , Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до КСЗД за вклучување во судска постапка како „пријател на судот“. Предметот бил поведен врз основа на тужба од јавен интерес (actio popularis) поведена од страна на Хелсиншкиот комитет во врска со дискриминација врз лицата со попреченост по однос на пристапноста до и во избирачките места.
Во предметниот извештај од јануари до мај годинава од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, додека останатите се од другите градови на земјата.
Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки се уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.