Денеска на 44 тата седница на Унеско која се одржува во Кина и која започна на 16. и ќе трае се до 31. јули ќе се одлучува дали охридскиот регион ќе се најде на листата светско наследство во опасност.
Од невладината Охрид СОС посочуваат дека деградација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион е единственото нешто што „напредува“.
„Продолжување кон деградацијата на регионот ќе се случува и во иднина доколку УНЕСКО и на оваа сесија одлучи да не го стави Охридскиот регион на листата на светски наследства во опасност. Доколку сепак се усвои предлогот на експертите кои заклучиле дека регионот треба да се најде на листа во опасност поради неисполнување на голем дел од препораките, тогаш тоа е голем и сериозен чекор кон опоравување на целокупното природно и културно наследство“, додава Дргана Велковска од Охрид СОС.
Многу од одлуките и препораките на Комитетот од последните 6 години и претходните мисии не се имплементирани, неколку се само делумно и недоволно спроведени , а голем број не се воопшто адресирани.
Во нацрт одлуката за регионот кој се очекува да биде усвоен или пак можеби отфрлен стои дека:
„Комитетот за Светско наследство одлучи да го впише Природното и културното наследство на Охридскиот Регион на списокот на светско наследство во опасност. Комитетот е длабоко загрижен за заклучоците на мисијата од 2020 година, според кои високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз универзалната вредност на регионот“.