По Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во затворот во Идризово е спроведена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Таа треба да биде спроведена од нејзиниот дом во Гевгелија во женското одделение на затворот Идризово во Скопје, откако нејзината 7 годишна затворска казна за случајот „Рекет“ беше потврдена од Апелациониот суд.
Меѓутоа, одбраната на Јанева реагира бидејќи таа е спроведена со наредба, а не со упатен акт кој смета дека во нејзиниот случај е неопходен.
„Куќниот притвор на Јанева е со важност до правосилност на пресудата. Одлуката на Апелација е донесена на 5 јули што значи тогаш пресудата станала правосилна и после тој датум таа е слободна. Затоа ние сметаме дека е неопходно таа да добие упатен акт, а не да биде спроведена со наредба“, вели нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска за „360 степени“, која најавува дека за ова ќе се жалат и до Европскиот суд за човекови права.