Охридскиот регион доби 2 години рок да ги исполни препораките на УНЕСКО


Центарот и советодавните тела на УНЕСКО им дадоа на Македонија и на Албанија дополнителни 2 години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу го прифати предлогот на Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност.

Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала.

Во предлог-одлуката на Комитетот поврзани се слабостите на институциите во Северна Македонија и Албанија на национално и локално ниво при активностите за заштитата на исклучителните универзални вредности на локацијата која уште од 1979 година е заштитена како природно и културно светско богатство.

Во однос на Македонија во нацрт-документот се истакнува дека постоела недоволна активност да се спречи ерозијата на карактеристиките на исклучителна универзална вредност во урбаното подрачје, како и поширокиот регион кое се причина на несоодветната конзервација, реконструкција и развој, а се посочува и дека треба да се размисли за алтернативни исходи за големите проекти кои се однесуваат на изградбата на железница и патишта.

„Високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина (посебно во градовите Охрид, Струга и Поградец, но исто така и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз исклучителната универзалната вредност на регионот“, се наведува во одлуката на Комисијата.

Од УНЕСКО сметаат дека иако некои одлуки и препораки од реактивната мисија во изминатите шест години биле адресирани, дел од нив биле само делумно или нецелосно спроведени, а бројни препораки воопшто не биле адресирани.

Министерката за култура Ирена Стефоска посочи дека Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Таа во кусето обраќање пред учесниците на состанокот побара продолжување на роковите за да се овозможи натамошно дејствување во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство.

Босна и Херцеговина и Норвешка се задолжени да формираат заедничка група што ќе го следи процесот на исполнување на препораките и за тоа да ги информира Секретаријатот и Комитетот за Светска наследство.

Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) во ревидираните одлуки ги поттикнуваат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување, со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни цели за ублажување на постојните закани. Истовремено, се инсистира планот да биде базиран врз препораките на Мониторинг мисијата од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Планот со спроведените мерки во меѓувреме да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.

Покрај ова, од Македонија и Албанија се бара до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на горепосочените забелешки, од што би произлегле натамошните активности и евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи