Отсуство од работа

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Отсуството е време кога работникот не е на работа и не ги врши своите работни функции и обврски. Македонското трудово право препознава: платени и неплатени отсуства. Во случај кога работникот користи платено отсуство од работа, тој има право на надоместок на плата. Во случај кога работникот користи неплатено отсуство од работа, тој нема право на надоместок на плата. Неговите права и обврски од работен однос мируваат. По истекот на неплатеното отсуство од работа, работникот има право да се врати на истото работно место кај работодавачот или на вршењето работи што одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Платени отсуства од работа

Случаи на платени отсуства од работа се:

  • Неспособност за работа поради заболување или повреда (ЗРО и ЗЗО)
  • Бременост, раѓање и родителство (ЗРО и ЗЗО)
  • Доброволно давање крв (ЗРО и ЗЗО)
  • Други платени отсуства во согласност со закон (ЗЗО):

–негување болно дете до тригодишна возраст;

–негување болен член на потесното семејство над тригодишна возраст, но најмногу до 30 дена;

–неопходно придружување болно лице упатено на преглед или на лекување надвор од местото на живеење;

–неопходно придружување болно дете до тригодишна возраст додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена;

–изолираност поради спречување зараза.

  • Празнување (ЗРО, кол. договори и посебен закон)
  • Вршење функции или обврски од посебни закони (ЗРО и посебни закони)
  • Образование на работниците, вклучувајќи и синдикално образование на работниците или нивните претставници (ЗРО)
  • Платен вонреден одмор, т. е. платено отсуство поради лични и семејни околности од страна на работникот (на пример, склучување брак, раѓање на дете – само за таткото, смрт на близок роднина и слично) до 7 работни дена во календарската година
  • Прекин на работниот процес поради виша сила (ЗРО)
  • Прекин на работниот процес од деловни причини од страна на работодавачот
  • Прекин на работниот процес поради одлука на надлежната инспекција за забрана на вршење на работниот процес или забрана на примена на средствата за работа подолго од 30 дена (ЗРО)
  • За времетраење на отказен рок поради барање ново вработуавање (ЗРО)

Платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство

Отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство (т.н. породилно отсуство) во себе содржи два посебни периоди на отсуство: отсуството поради заштита на „мајчинството“ (кое го опфаќа периодот на бременост и раѓање) и отсуството поради „родителство“ (кое се надоврзува на отсуството поради бременост и раѓање).

Должината на траењето на породилното отсуство е различна во зависност од бројот на родени деца. Доколку работничката роди едно дете, породилното отсуство изнесува девет месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе), тогаш ова отсуство изнесува 15 месеци. Отсуството поради бременост, раѓање и родителство започнува да тече од моментот кога работничката ќе започне да го користи ова право, а тоа е најрано 45 дена, но најдоцна 28 дена пред раѓањето. Вкупниот период на породилно отсуство (9, односно 15 месеци) е сочинет од еден дел што работникот мора да го користи „задолжително“ и еден дел што може да биде искористен „факултативно“ (опционално). Задолжителниот дел од отсуството поради бременост, раѓање и родителство го опфаќа периодот од 28 дена пред раѓањето (како задолжителен период за започнување на породилното отсуство) до 45 дена по раѓањето (како задолжителен период за нега на новороденчето).

Факултативниот дел од породилното отсуство им овозможува зголемена флексибилност на работниците да изберат колку вкупно сакаат да им трае ова отсуство од работа, но во рамките на вкупниот период од 9, односно 15 месеци. Работничката може да избере кога (во рамките на периодот од 45 до 28 дена пред породувањето) ќе започне да го користи породилното отсуство и кога, по истекот на „задолжителниот дел“ од отсуството (т. е. на 45-от ден по раѓањето) ќе го прекине платеното отсуство од работа и ќе се врати на работа.

Во вакви околности, работничката има право на двојна материјална компензација: плата (поради враќањето на работа и редовното вршење на работните задачи) и надоместок на плата во висина од 50 % од утврдениот износ на надоместокот за породилно отсуство (како паричен надоместок за „неискористениот“, т. е. преостанатиот временски период од породилното отсуство на работничката). Покрај правото на породилно отсуство, работничките имаат право и на платена пауза поради доење до навршена едногодишна возраст на детето. Правото на платена пауза поради доење е во траење од еден и пол час дневно и во него се засметува и дневната пауза.

Неплатени отсуства од работа

Случаи на нeплатени отсуства од работа се:

  • Во случаи и под услови утврдени со колективен договор најдолго 3 месеци во календарската година (ЗРО)
  • Неплатено родителско отсуство (ЗРО и ЗЗО)

пишува: Здружение Достоинствен Работник

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи