Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје ја објави пресудата за случајот „Организатори на 27 април“.
Со одлуката, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски доби 6 години и 6 месеци затвор, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески 6 години и три месеци, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски 6 години и три месеци, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски доби 6 години.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
„Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста со насилни акти за да не се случи примопредавање на власта, вклучиле и патриотски здруженија, ангажирале и лица за вршење насилство за да не се избере нов претседател на Собранието“, рече судијата.