Извршниот директор на тутунската компанија „Филип Морис интернејшнл“, Јацек Олчак ја повика Британската влада да ги забрани цигарите во рок од 10 години, вклучително и брендот „Малборо“, кој го произведува оваа фабрика. Тој рече дека компанијата може „да го види светот без цигари“, а всушност, колку побрзо тоа се случи, толку подобро за сите.
„Цигарите треба да се третираат како бензинските автомобили, чија продажба треба да биде забранета од 2030 година“, рече Олчак.
Тој смета дека Владата може да ја запре конфузијата кај пушачите, од кои некои сè уште сметаат дека „алтернативите се полоши од цигарите“.
„Со правилни регулативи и информации, во некои земји проблемот со пушењето може да се реши еднаш и засекогаш за 10 години“, вели Олчак.
„Филип Морис“ неодамна објави дека се стреми половина од својот промет да бидат производи за непушачи, и се претвора во „компанија за здравствени и велнес услуги“, чија нова мисија е свет без цигари.