Едукација на земјоделци – прилагодување кон климатските промени и мерки за адаптација


Конвенционалното производство се повеќе се интензивира преку зголемено користење на механизација, заштитни препарати, минерални ѓубриња, одгледување на монокултурни посеви, односно потрошувачка на огромни количини на енергија, заради остварување на поголеми приноси. Сето ова придонесува во зголемување на нивото на стакленички гасови во атмосферата, како и загадување на почвата и водните ресурси.

Се смета дека од вкупната емисија на стакленички гасови на глобално ниво, земјоделството придонесува со 17,4%, а во Република С. Македонија е втор по големина извор на стакленички гасови. Евиденцијата на гасови во земјоделството ги вклучува емисиите на метан (CH4) и азотни оксиди (N2О).
А како главни извори се сметаат дигестивните процеси кај преживарите, управувањето со минерални азотни ѓубрива, но и арското ѓубре, палењето на земјоделски остатоци и производство на ориз. Земјоделството е еден од најчувствителните сектори засегнати од климатските промени, со огледна тоа дека климата има директно влијание врз метеоролошките, хидролошките, почвените, еколошките услови, но и други поврзани процеси со земјоделското производство. Секое нарушување на овие услови, може значајно да влијае врз планираниот принос, но и самите процеси на производство.

Климатските сценарија укажуваат дека земјоделските производители ќе се соочат со продолжени топлотни бранови, суши и поплави. Особено важен е предвидениот недостаток од вода, како резултат на намаленото количество врнежи, што според проценките ќе се намали за 13% до 2100 год., но и намаленото количество на површински и подземни води што ќе ја намали достапноста за 18% до 2100 год. Во услови кога помалку од 10% од земјоделските површини се наводнуваат, овие сознанија ја покажуваат сериозноста на состојбата и потребата од превземање активни мерки за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

ШТО Е АДАПТАЦИЈА?

Терминот адаптација се користи во контекст на климатските промени од раните 90ти години на минатиот век. Подразбира иницијативи и мерки за намалување на ранливоста на природните системи и човекот кон реалните или очекуваните последици од климатските промени. Адаптацијата кон климатските промени подразбира два аспекти:
– Еколошки (поврзан со животната средина и управувањето со екосистемите)
– Социјален (поврзан со човековите активности заради намалување на негативните влијанија од климатските промени)

За проценка и имплементација на мерките за адаптација кон климатските промени, важно е добро да се познава нивниот ефект и условите во кои тие ќе се применат. Постојат бројни активности кои индивидуалните земјоделци можат да ги применат во различни сегменти од производството (автономна адаптација).

За таа цел, во рамките на проектот “Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатските промени во земјоделскиот сектор“ беа одржани теренски посети на земјоделци.

Теренските посети беа реализирани во повеќе села во општина Битола: Егри, Оптичари, Лера, Цапари, Ротино.

При овие посети се остварија средби со земјоделски стопанственици со кои се разговараше на тема климатски промени, како тие влијаат на нивното производство и приноси, како се справуваат со нив и успеваат ли да се адаптираат на нив?

Во тимот задолжен за посети имаше и стручни лица- советници кои ги едуцираа земјоделските стопанственици како да се справат и полесно да се адаптираат на влијанието на климатските промени. Покрај преставниците од Советодавниот центар за земјоделство и рурален развој, на овие посети присуствуваше претсатвник од Агнцијата за поттикнување на развојот на земјоделството како и претатсвник од Одделението за животна средина при општина Битола. Покрај советите на лице место домаќините имаа можност да ја добијат едукативната брошура „Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатски промени во земјоделскиот сектор во Битола“ што ја изработи Сојуз на здруженија за рурален развој – Мрежа на ЛАГОВИ.

Проектот финансиски е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи