Раководителката на Службата за итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало за МИА известува дека е зголемен бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје, а екипите интервенираат дневно кај стотина случаи. Дневно има и од 8 до 10 колапси.
Поради високите температури во портокалова фаза од Министерството за здравство потсетија и на општите мерки за заштита на здравјетo.
„Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари“, се дел од препораките.