Со обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и на претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама, како организатори и во координација и соработка со стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје започна Економскиот форум за регионална соработка.
Во воведните обраќања, Заев, Вучиќ и Рама најавија нова ера на соработка во регионот – автентична, самостојна иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија во која се добредојдени и повикани и останатите земји од Западен Балкан и пошироко. Политичките лидери рекоа дека ги слушнале барањата на бизнис заедницата и дека прават максимални напори за нивна реализација. Тројцата испратија пораката за обединување на економиите во регионот, олеснување на протокот, елиминирање на бариерите и создавање заеднички пазар.
„Овој масовен одѕив да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот, е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција“, рече Заев.
Премиерот Заев дополни дека ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија — Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
„За остварување на овие слободи, денеска како за почеток, ќе бидат потпишани еден договор и два меморандума за соработка. За да ги обезбедиме условите за реализација на овие слободи, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно“, вели Заев.
Заев истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.
„Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно“, истакна Заев.
Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во своето обраќање на форумот нагласи дека уште од почетокот визијата за оваа иницијатива потврди дека таа е за нашата иднина, и затоа со премиерите Заев и Рама се согласиле наместо поглед кон минатото да се насочиме со поглед кон иднината за да им оставиме иднина на идните генерации и порача дека никој не треба да очекува дека некој друг ќе го сработи она што мора земјите од регионот сами да го направат и дека со процесот на целосно отворање на граничните премини регионот испишува историја.
Премиерот на Албанија Еди Рама се надоврза на обраќањето на претседателот на Србија Вучиќ и истакна дека нема зошто да останеме затворени во нашите граници, свртени грб со грб еден кон друг и дека она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот. Рама нагласи дела лидерите и народите од регионот одлучија да направат се’ што е потребно и да не чекаме интегрирањето на регионот да зависи од ЕУ.