Во рамки на одбележувањето на 30 јули, Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе, денеска Министерстввото за внатрешни работи, заедно со Министерството за труд и социјална политика и невладините организации, со поддршка на ИОМ, ги реактивираа мобилните тимови за идентификација на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе.
Целта на мобилните тимови, нагласи денеска Магдалена Несторовска, национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, е да бидат институционално стабилни, постојани и функционални на терен, со што ќе придонесат кон подобрување на идентификацијата на ранливите категории граѓани, преку проактивно дејствување на терен, обезбедување помош и поддршка и споделување информации со наделжните органи за водење проактивни истраги, со што ќе се зајакнат националните капацитети и ќе се зголеми ефикасноста на службите.
Петте мобилни тимови во Битола, Гевгелија, Куманово, Скопје и Тетово се формирани во јануари 2018 година, потсети Несторовска, и се еден од успешно реализираните приоритетни активности предвидени во тогашнио реформски владин план 3-6-9 со поддршка на ИОМ.
Во периодот март 2018 – декември 2019 година, мобилните тимови првично контактирале, информирале и асистирале 797 лица и тоа 719 државјани на Македонија и 78 странски државјани, од кои биле детектирани 14 жртви на трговија со луѓе. Сите тие биле од женски пол, од кои 10 деца и четворица возрасни, како и 190 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 593 ранливи категории лица, од кои 318 мажи и 275 жени.