УНЕСКО ги призна буковите шуми на Длабока Река како светско транснационално природно богатство


Македонија доби ново подрачје признато од УНЕСКО како светско природно наследство, а тоа се буковите шуми на Длабока Река како дел од Националниот парк Маврово.  Оваа одлука е донесена вчера на 44-тата сесија која се одржува во кинескиот град Фуџоу од Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО.

Длабока Река се наоѓа во територијата на Националниот парк „Маврово“. Таа е лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на Радика. Извира под високите врвови на Кораб, формирајќи стрмна долина која претставува единственото место со алпска клима во Северна Македонија. На неа се наоѓа познатиот Корапски водопад, кој се јавува под врвот Мал Кораб во пролетните месеци со топењето на снегот.

Македонската локација е вклучена во проширеното транснационално подрачје „Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа“. Проширениот регион кој влегува во светското наследство сега се протега на 94 локации во 18 различни европски држави. Длабока Река во Македонија им се придружува на локации во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Украина кои добиваат заштита од УНЕСКО.

Локалитетот поседува исклучителни природни вредности преставени преку голема биолошка и пределска разновидност. Една од основните карактеристики на овој локалитет е старата (девствена) букова шума (Fagus sylvatica) која се развива во долината на Длабока Река, со безмалку никаква човечка интервенција во последните 100 години. Локалитетот се одликува со голема биолошка разновидност, со присуство на бројни ендемични растителни и животински видови и се наоѓа во зоната за строга заштита на Националниот парк „Маврово“ и во неа се дозволени само научно-истражувачки активности.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи