Сведоци сте дека во Влада се зборува албански јазик, секој ден во Собранието се зборува албански, како и во канцеларијата на претседателот на државата, но најважно од се е дека од употребата на албанскиот јазик, како придобивка од Охридскиот рамковен договор не изгуби никој, најмалку изгубија Македонците, изјави денеска првиот вицепремеир и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
„Донесувањето на законот за употреба на јазиците и основање на институцијата за негова имплементација, Агенцијата за спроведување на јазиците, беа процесите кои го заокружија нормативниот дел од Охридскиот договор. Денес, во рамки на организацијата за одбележување на 20-годишнината од Охридскиот договор, Агенцијата за спроведување на јазиците докажува професионална посветеност на зајакнување на кадровичкиот капацитет на институциите во земјата и унапредување на стручното знаење на вработените со делење на 65 сертификати преведувачи на државни институции кои успешно ја завршија обуката за превод и предавање на албански јазик“, соопшти Груби.
Во рамки на денешниот настан, што беше организиран од страна на Агенцијата за примена на јазикот, беа врачени сертификати на преведувачи на албански јазик кои работаат во државните институции.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, по тој повод истакна дека како Влада покажале оти посветено работат да создадат образование коешто се грижи за сите ученици и кое што нуди можност секој ученик да учи на својот мајчин јазик, не само да учи, туку и да дискутира за културата на другите коишто живеат блиску во неговата заедница.
„Ако заедно чувствуваме дека припаѓаме на оваа држава, дека заедно се бориме за нејзината иднина и за нејзината благосостојба, како и на секој граѓанин, тогаш навистина можеме заеднички да постигнеме многу повеќе. Новата концепција за основно образование, токму тоа го предвидува. За прв пат во основното образование во нашата држава се поставуваат три вредносни столбови. Еден од клучните столбови е интеркултура, како заеднички да создаваме граѓани кои што се грижат едни за други, коишто учат и зборуваат на својот мајчин јазик и сите заедно придонесуваат кон развој на државата и економски и социјален“, рече Царовска.