Заев и Сорос промовираа Мечинг Фонд вреден 2,5 милиони евра за поттикнување на претприемништвото кај Ромите


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го промовираше Мечинг Фонд на Владата, на Министерството за труд и социјална политика, на Агенцијата за вработување и на Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, вреден 2,5 милиони евра во вид на исклучително поволни кредитни линии за невработени лица и регистрирани субјекти заради создавање на услови за нови вработувања, за поддршка за формализација на сивата економија, како и за поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница.

Денеска беше потпишан и Меморандум за соработка во рамките  на проектот „Ковид – Итни интервенции во Општина Шуто Оризари“, кој е финансиски подржан од Канцеларијата за Ромски иницијативи во рамките на Фондациjaта отворено општество – Берлин, имплементиран од страна на Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико во соработка со граѓанското движење Аваја, и во соработка со Министерството за здравство и Здравствениот дом на Скопје.

На промоцијата на фондот и на потпишувањето на меморандумот, на која учествуваа и заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество Алекс Сорос, Петрика Дулгеру од Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за здравство д-р Венко Филипче, како и претставници на Агенцијата за вработување и на Канцеларијата за ромски иницијативи на Фондацијата отворено општество во Берлин, на Ромалитико и на Аваја, на општината Шуто Оризари, премиерот Заев истакна дека со овие проекти Владата ја потврдува својата заложба за поттикнување на потенцијалот за претприемништвото на ромската заедница и социјално-здравствените политики за поддршка на ранливите заедници.

„Со мечинг фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот на претприемништвото во ромската заедница и за полесен премин во регистрирана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување на бизнисот. Нашите очекувања се дека некаде околу 50 – 100 невработени лица и регистрирани субјекти годишно, управувани од Роми преку овие мерки ќе имаат пристапни и поволни услови до финансиски средства за формализација, реализирање на бизнис идеи, самовработување и унапредување на бизнисот“, рече Заев.

Со вториот Меморандум за соработка во рамките  на проектот „Ковид – Итни интервенции во општина Шуто Оризари“, кој е финансиски подржан од Канцеларијата за Ромски иницијативи во рамките на Фондациjaта отворено општество – Берлин, имплементиран од страна на Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико во соработка со граѓанското движење Аваја,  обезбедени се финансиски средства во износ од 63,800 евра.

Со дел од овие средства е обезбедена набавката на амбулантно возило за итна помош за користење од страна на Поликлиниката во Шуто Оризари за потребите на населението во општината.

Другиот дел од средствата ќе се наменат за обезбедување на работен ангажман во период од 24 месеци на две лица Роми кои што ќе бидат ангажирани во рамките на здравствен дом Скопје за потребите на Поликлиниката во Шуто Оризари и за функционирање на амбулантното возило за итна помош.

Алекс Сорос, заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество во своето обраќање ја поздрави исклучителната посветеност на Владата на Република Македонија на политиките на инклузивност и истакна дека Мечинг фондот РЕДИ и „Ковид – Итни интервенции во општина Шуто Оризари“ доаѓаат и во многу значаен момент и за регионот токму со лансирањето на иницијативата „Отворен Балкан“ која може дополнително да создаде иницијативи за одржливост и раст на бизнисот во ромската заедница и да генерира нови работни места.

„Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде засилена и со поддршка на ЕУ, особено во делот на финансиската поддршка за регионалната економска соработка, зелените инвестиции, како и во делот на поддршката на јавниот и приватниот сектор. Фондацијата отворено општество ќе продолжи со поддршката за РЕДИ, за Македонија и за другите земји во регионот“, порача Алекс Сорос, заменик-претседател на Фондацијата отворено општество.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи