Научниците забележале светлина од другата страна на црната дупка за првпат во историјата, пренесе британски Индипендент. Ваквото откритие изгледа невозможно, со оглед на тоа дека црните дупки „вшмукуваат“ се што ќе им се приближи, вклучително и светлината.
Откритието се појавило откако научниците ги испитале Х-зраците кои во вселената ги исфрлила супермасивна црна дупка лоцирана во центарот на друга галаксија, оддалечена на околу 800 милиони светлосни години, при што некои од зраците изгледале како одраз од другата страна на црната дупка.
Астрофизичарот на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, Ден Вилкинс забележал дека Х-зраците делувале дека се насочени кон другата страна на црната дупка.
„Која било светлина што влегува во црна дупка не излегува, затоа не би требало да може да видиме ништо зад црната дупка“, изјавил Вилкинс.
Тој појаснил дека Х-зраците биле видливи бидејќи црната дупка ги искривува светлината и магнетните полиња околу себе.
Откривањето светлина од другата страна на црна дупка е можно според Теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн, но тоа не било забележано досега.