По најавите на „Фејсбук“ и „Гугл“, и „Волт Дизни“ се приклучи на компаниите кои од своите вработени бараат да бидат вакцинирани против коронавирусот.
„Во компанијата „Волт Дизни“, безбедноста и благосостојбата на нашите вработени за време на пандемијата беше и продолжува да биде врвен приоритет. За таа цел, и врз основа на најновите препораки од научници, здравствени работници и наши медицински професионалци дека вакцината против ковид-19 обезбедува најдобра заштита од тешка инфекција, бараме сите наши вработени да бидат целосно вакцинирани“, стои во соопштението од компанијата.
На вработените кои се уште не примиле вакцина, а физички одат на работа во просториите на компанијата, им е даден рок од 60 дена да го направат тоа. Истото ќе треба да го направат и оние кои работат од дома, пред да се вратат на работа со физичко присуство.
Покрај тоа, сите нови вработени ќе треба да бидат целосно вакцинирани пред да започнат со работа.