Со новата учебна година 2021/2022, печатените дневници заминуваат во историјата. Имено, според информациите на Бирото за развој на образованието (БРО) печатени дневници повеќе нема да ги има и во основно и во средно образование. Наставниците нема повеќе да имаат двојна работа, односно нема да мора истите податоци и оценки за учениците да ги внесуваат и во печатен дневник и во електронски дневник.
„И во основно и во средно образование повеќе нема да има печатени дневници. Сите податоци ќе се запишуваат во електронскиот дневник. Наставниците веќе знаат да пополнуваат електронски дневник, тој со години е дел од образовниот систем. На овој начин ќе се растоварат од обврската да водат двојна евиденција“, појаснуваат во Бирото.