Доктор Мирослав Гроздановски, долгогодишен невролог, кој ја фотографираше погрешно напишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, доби отказ 3 години пред да добие пензија.
Веднаш по објавувањето на фотографијата доктор Грозадоновски беше префрлен од поликлиниката „Букурешт“ во поликлиниката „Бит-пазар“. Но откако тој одбил да биде префрлен да работи во друга поликлиника, добил отказ.
„Пишува дека неоправдано сум изостанал три работни дена, на 26, 27 и 28 јули. Последен ден што бев на работа, беше во саботата на 24 јули. Дојдов во „Букурешт“ додека бев на одмор во петокот и бев блокиран, не можев да влезам во системот. Веќе ме префрлиле на Бит-пазар. Од понеделникот, се разбира, не отидов на Бит-пазар и веднаш ми дале отказ и ме одјавија, така што сега сум невработен доктор специјалист по неврологија на три години пред пензија. Е, тоа е мојата приказна. Како одеднаш од таков професионалец невролог, како што ме нарекуваше директорот, добив експресен отказ за три дена без да бидам викнат на разговор и без да се најде решение“, вели доктор Гроздановски, за „Слободен печат“.