Едукативен караван „Правдата не е привилегија“


„Граѓаните имаат потреба да се консултираат и побараат совет за нивните права од социјална заштита, лична документација, здравствена заштита, и тие имаат право тоа да го добијат во нивната заедница, затоа што #Правдата не е привилегија“.

Едукативниот караван на Здружение Станица П.Е.Т. – „Правдата не е привилегија“ во изминатиот период патуваше низ 10 населени места од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, со цел едукација и информирање на граѓаните за остварување на нивните права во оние области кои во изминатиот период се покажаа како најважни и најпотребни за нив.

Работилниците беа посетени од над 200 граѓани кои сакаа да знаат нешто повеќе за начинот на остварување на правата од социјална, здравствена и земјоделска дејност, лична документација, но и за актуелната вакцинација против Ковид-19.

Едукативниот караван ги посети следните општини и населени места:

  • На 20.07.2021 година, Станица П.Е.Т. беше во посета на Мариовскиот регион, во с. Витолиште и с. Штавица кои покрај природните знаменитости изобилуваат со огромен енергетски и туристички потенцијал, кој за жал не е доволно искористен. За време на посетата на овие места со граѓаните разговаравме за остварување на правата од социјална заштита, лична документација, актуелната вакцинација, при што граѓаните ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат а се поврзани со користењето на субвенции од државата за одгледување добиток, кои годинава сеуште не ги добиле, а се од исклучително значење за нивното функционирање.
  • На 21.07.2021 година, едукативниот караван ја продолжи својата активност во Долненскиот крај (с. Долнени, с. Дупјачани и с. Ропотово) каде со граѓаните разговаравме за потребата од остварување на права од социјална заштита, домување, но и патна инфраструктура кои се на незавидно ниво во овој регион. Локалните жители истакнаа дека се соочуваат со различни проблеми кои најчесто се поврзани со правата од земјоделска дејност и социјална заштита, кои поради недостапноста на институциите во овој регион се соочуваат со дополнителни потешкотии и материјална и финансиска оптовареност.
  • На 22.07.2021 година, Станица П.Е.Т. го посети локалното население во с. Кривогаштани и с. Воѓани, каде со граѓаните се дискутираше за правата од социјална заштита, права од земјоделска дејност, актуелната вакцинација и други права од здравствена заштита, начинот на нивното остварување и обезбедување на континуирана помош и поддршка во реализација на своите права. Со граѓаните од овие населени места разговаравме и за потребата од отварање на канцеларија која би нудела правна помош и поддршка, со оглед на фактот што се повеќе километри одделени од градот, а незавидната патна инфраструктура не им дозволува секојдневно да патуваат до градот за да остварат некое право.
  • На 23.07.2021 година, едукативниот караван продолжи во с. Боротино, каде после долги години, локалните жители беа посетени од здружение, а целосно запоставени од политичките структури, ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат секојдневно а се поврзани со остварување на права од социјална заштита, статусни права и лична документација. Граѓаните сакаа да разговараат за своите проблеми кои произлегуваат од недостатокот на социјални и здравствени права кои не можат да ги остварат поради оддалеченоста на институциите од нивното место на живеење, при што беше истакнато дека секој треба да биде во можност да ги оствари своите права, бидејќи сите треба да бидат еднакви пред законите.
  • Едукативниот караван ги одржа последните работилници на 26.07.2021 година во Прилеп, на која разговаравме со граѓаните од ромската заедница во н. Три багреми и м.в. Дебој во нас. Тризла, но и сите останати граѓани во паркот Могила на непобедените, со кои директно разговаравме за правата од социјална заштита, имотни/наследни права, права од здравствена заштита и сл. Граѓаните истакнаа дека во овој период на криза тешко се доаѓа до остварување на права, а исто така граѓаните од нас. Три багреми истакнаа дека често се чувствуваат дискриминирани пред институциите поради нивниот социјален статус, па тешко можат да остварат некое право. Исто така, граѓаните од м.в. Дебој имаа забелешки во однос на хигиената и општата еколошка состојба во населбата, посебно по сливот на р. Дабничка каде состојбата е најкритична поради отпадоците кои се наоѓаат околу и во неа, а можат да предизвикаат сериозни непогоди при поројни дождови, а секако влијаат и на општото здрваје на граѓаните кои живеат во тој реон.

Различните заедници имаат различни потреби, но едно е заедничко – на секого му треба помош за остварување на правата и секој има право да ја добие, бидејќи #правдатанеепривилегија!

*Активноста е дел од проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ кој го спроведуваат Фондација Отворено општество Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и СТАНИЦА П.Е.Т. со поддршка од Европската Унија.

Автор: СТАНИЦА П.Е.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи