Министерството за труд и социјална политика (MTСП) ги повикува сите вработени во детските градинки кои не се вакцинирани да пристапат кон процесот на имунизација, со цел непречено одвивање на воспитно образовниот процес за време на пандемијата.
„Како ресорно Министерство упатуваме на општествена одговорност на сите вклучени во процесот на воспитување и образование на децата од предучилишна возраст, имунизацијата да продолжи со несмалено темпо во текот на целиот летен период. Истовремено информираме дека досега се вакцинирани речиси 60 % од вработените во градинките во државава и воедно апелираме и останатите 40 % на воспитувачи, негуватели и технички персонал да се вакцинираат за да може да биде обезбеден безгрижен престој на децата. Само така градинките по завршувањето на летниот период ќе можат да работат со полн капацитет“, велат од МТСП.
Според нивните оценки вработените во градинките во изминатиот период покажале високо ниво на одговорност и професионалност.
„Здравјето на сите граѓани вклучително и на најмалите е најважно. Затоа од големо значење е сите заедно да вложиме напори во обезбедување на безбеден престој на децата во градинките“, порачува МТСП.