Министерството за надворешни работи денеска упати апел за претпазливост при патување или престој во Грција поради ситуацијата со пожарите и информира дека досега ниту еден наш државјанин не побарал помош.
Како што посочуваат од МНР, на грчкиот остров Евија се наоѓа еден државјанин на Република Македонија и тој е далеку од ризичната зона, а другите државјани биле евакуирани од ризичните во безбедни локации, во неделата, на 8 август.
„Постојат специфични проблеми во врска со безбедноста што може да ве стават во опасност. Безбедносната состојба може брзо да се промени. Треба да применувате висок степен на претпазливост во секое време, да ги следите локалните медиуми и да ги следите упатствата на локалните власти. Информациите за степените за безбедност и безбедносните детали се изготвени по насоки добиени од нашите дипломатско-конзуларни претставништва и надлежните директорати во МНР, во корелација со информациите објавени на веб-страниците за препораки за патување на земји партнери “, стои во апелот на МНР.
Дипломатско-конзуларните преставништва на Република Северна Македонија во Грција преку социјалните мрежи, се наведува во информацијата од МНР, благовремено упатија апел до државјаните на Северна Македонија за претпазливост при патување или престој во Грција заради ситуацијата со пожарите, а при евентуална потреба да ги контактираат Амбасадата на Северна Македонија во Атина (+ 30 694 52 82 251, +30 695 51 91 321, +30 694 47 43 071,+30 210 67 49 585) и Генералниот конзулат во Солун (+30 698 72 00 410).