Во село Велмевци во месноста Черешна, денеска пред споменикот на Јордан Сиљанов Пиперката и неговите соборци, беше одбележана 118 годишнината од смртта на големиот војвода, кој загинал во близина на село Цер. По негова желба бил погребан на ритчето над село Велмевци, од каде како на дланка можел да го гледа Суво Поле и Демирхисарско, регион каде што и најмногу делувал.
Делегација од Општина Демир Хисар предводена од градоначалникот Марјан Стојановски положи букет свежо цвеќе пред споменикот во Велмевци и пред спомен плочата во село Брезово поставена пред одбрамбената кула, каде што Јордан е познат по многу подвизи кога успевал да го надитри помногубројниот непријател.
Јордан Силјанов Пиперката е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Многумина го поврзуваат со лутината и црвенилото на пиперките. Јордан уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот.
Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил наименуван за војвода на Демирхисарскиот реон.
Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите.
Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба.