УНЕСКО бара до 1 февруари наредната година да биде изготвен извештај за Охридскиот регион

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија и Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион како светско културно-историско и природно богатство ќе мора до 1 февруари наредната година до УНЕСКО да достават извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот регион.

Во ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-та пленарна сесија одржана во Кина стои дека Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) инсистираат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни рокови за анулирање на постоечките закани. Истовремено се бара планот да се темели врз врз препораките на Реактивната Мониторинг мисија од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Планот треба да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.

Истовремено, со одлуките од Кина се бара од Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на посочените забелешки. Во документот се нотира дека доколку на 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО не бидат анулирани постоечките закани по Охридскиот регион и неговите исклучителни вредности, останува отворена опцијата за евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Во останатиот дел од одлуката се посочува дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Најголема загриженост Комитетот искажува по однос забелешките од Заедничката мониторинг мисија од 2020 година, а кои укажуваат на недоволно спроведени активности за запирање на бавната, но континуирана ерозија на атрибутите што го детерминираат регионот како Светско културно и природно богатство.

Светската организација изразува длабока загриженост по однос изградбата висококатници на крајбрежјето, слаба архитектонска контрола на новоградбите во градските јадра, но и во останатиот дел од регионот, како и несоодветното и прекумерно искористување на крајбрежјето со несоодветна туристичка инфраструктура што мошне негативно се одразува врз заштитеното добро.

Загриженост се  искажува и по однос недоволно утврдените приоритети во развојните политики, спротиставени ставови, недоволна вклученост на граѓанскиот сектор во креирањето политики и донесувањето одлуки и мерки, што сето во комбинација резултира со фрагментиран и несоодветен систем на управување со светското наследство.

На Сесијата во Кина меѓу останатото се нотираат активностите што ги спровеле институциите на Македонија во насока на отпочнување на процесите за исполнување на препораките на Комитетот.  Како позитивни процеси се посочени процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Студијата за ревалоризација на регионот, иницираниот процес на прогласување на Студенчишкото Блато за Парк на природата. Притоа се бара тие процеси да бидат искористени во насока на креирање функционални управувачки структури и притоа целосно интегрирани во процесите на планирање и управување со доброто.

Статусот Светско природно богатство заштитено од УНЕСКО Охридското Езеро го стекна во 1979 година. Една година подоцна и Градот Охрид беше додаден на списокот заштитени културно-историски вредности, така што Охридскиот регион стана едно од само 38-те мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО. Во 2009 година беше покрената иницијатива за впишување и на албанската страна на езерото и крајбрежјето под капата на УНЕСКО, така што десет години подоцна во 2019 година регионот беше проширен на двете страни од езерото опфаќајќи вкупна површина од 94,7 хектари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи