Метеорскиот дожд „Персеиди“ се појавува секоја година во август. НАСА го нарекува и „најдобар метеорски дожд во годината“.
Овие метеори се посветли од другите метеорски дождови, а меѓу народот се познати и како ѕвезди што паѓаат и остваруваат желби.
Персеиди — појава на метеорски дожд што се појавува секоја година во август од соѕвездието Персеј.
Појавата настанува кога Земјата поминува низ облаци од честички прав оставен од кометата Свифт-Татл. Најмалите честички се со големина на зрно песок, согоруваат во атмосферата на Земјата образувајќи метеорски дожд. Прво тој е со најголем интензитет па потоа постепено слабее. Овој метеорски дожд е активен од 17 јули па сè до 24 август додека максимумот речиси секогаш е на 12 август. Бројот на метеори обично достигнува 60 метеори на час.
Како и повеќето метеорски дождови така и Персеидите се образуваат од остатоци од опашката на некоја комета (Свифт-Татл). Самата комета се доближува до Земјата само еднаш на 135 години, но преку нејзината опашка Земјата поминува секоја година. Кометата се движи кон Сонцето привлечена од неговата топлина, во меѓупланетарниот простор расфрла фини честички од мраз и прашина кои под влијание на сончевиот ветар се движат кон центарот на сончевиот систем.
Фрагменти од карпа исфрлена од јадрото на кометата паѓаат во атмосферата на Земјата и согоруваат во неа светкајќи како ѕвезди. Овој феномен може да се види од каде било во светот, но во северната хемисвфера е појасен овој феномен. Од Земјата се гледа како метеорскиот дожд да доаѓа од соѕвездието Персеј, па оттука е и називот Персеиди.
Опашката на кометата е составена од мали честички од мраз,карпи и прашина кои се исфрлени во меѓупланетарниот простор од јадрото на кометата. Кога Земјата на нејзината патека околу Сонцето се сретне со овие честички тие навлегуваат во атмосферата на Земјата со брзина од 150 илјади километри на час. Тие кога паѓаат исцртуваат права полна линија која постепено исчезнува, некогаш паѓаат во форма на една или повеќе огнени топки.
Па, доколку сакате да уживате во ваква глетка, во наредните денови погледнете кон небото.