Пендаровски: Рамковниот договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет


Три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот устав од 17 ноември 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој ни овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Конференција „После Охрид” по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.

„Во изминативе 20 години во мојот став за договорот немаше промени: имено, и тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најжестоки критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика“, рече Пендаровски.

За столбовите на договорот – соодветната и правична застапеност и децентрализацијата, во Охрид, според него,меѓу учесниците во преговорите имаше најмногу несогласувања, на моменти, целосна недоверба кон барањата на другиот, а, на крајот и најтешки компромиси под притисок на медијаторите. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите пред 2001-та, вели тој, кај нив беше извор на постојани фрустрации и тензии, а, во ситуација кога една четвртина од населението не учествува во креирање на политиките, јасно е дека нивната лојалност кон државата ќе биде на минимално ниво.

„На сите ни е познато дека уживањето на етничките права без демаркација на територијата ја прави работата на политичарите посложена, заради нужноста од постигнување на меѓуетнички компромиси, но, нетериторијалните етнички права се единствениот одржлив модел на Балканот, затоа што федерализацијата или кантонизацијата се сигурен пат во уште подлабоки поделби, дури и во етнички чистења. Сепак, една димензија на документот, според мене – есенцијална, не е експлицитно наведена во него. Имено, дека двете најбројни заедници за битните, за стратешките прашања не треба да си работат зад грб, туку заедно. Темелниот предизвик е како да размислуваме надвор од етничките и партиските агенди кои се често етнички обоени и на тој план, нам, на политичарите ни претстои уште многу работа. Тука имаме што да учиме од нашите граѓани, кои за разлика од нас, имаат долга традиција на взаемно почитување и соживот која датира далеку пред Рамковниот договор воопшто да биде потпишан“, рече  Пендаровски.

Според него, Договорот го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен.

„Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше што под притисок на крајно неповолната динамиката од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество. Во хетерогена политичка заедница како нашата, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме. За да продолжи и понатаму да егзистира единствениот успешен пример на функционална мултиетничка демократија во регионот треба постојано да ја имаме пред очи алинејата од Основните принципи на Рамковниот Договор со која употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина. Со други зборови: сега имаме рамка, имаме устав, имаме искуство и мораме секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури“, вели Пендаровски. 

Низ годините, уште една важна реченица од договорот, вели тој, полека ја губиме од сеќавањето, а тоа е дека во неговата преамбула во која се објаснува зошто е склучен, јасно се вели дека станува збор за договорена рамка за иднината на македонската демократија, но, и за развивање на интегрирани релации со Евро-атлантската заедница. За ова во 2005-та, посочи, имаме и практична потврда: статусот на кандидат за Европската Унија, го добивме, пред се, заради имплементација на Рамковниот договор, бидејќи вели, ниедна организација на западната алијанса не сака да внесе во своите редови билатерални спорови меѓу соседите, а, уште помалку, спорови кои постојат меѓу граѓаните во една иста политичка заедница, внатрешно фрактурирана по етнички линии.

„Немам дилема дека на земјата не и треба нов внатрешен и надворешно-политички концепт бидејќи стариот етаблиран по 1991-та и по 2001-та нуди потенцијал за развој. Стабилноста и просперитетот на Република   Македонија зависат од нашиот капацитет да ја позиционираме во евроатлантската група на нации. Притоа, императив е либералната и модерна визија за нашата иднина да добие предност пред тесните, националистички и парохијални политики кои во неколку наврати ги загрозија темелите на државата. Убеден сум дека во рамки на една таква визија за иднината, резонот поради кој беше постигнат Охридскиот рамковен договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет. Имено, во тоа и се состои главниот предизвик за нас, актуелната генерација политичари, да објаснуваме дека државата не може да загуби ако некои од нашите сограѓани добиваат права, кога тие права не се добиени за сметка на губењето на правата на други наши сограѓани или етнички заедници. Да го употребам насловот на конференцијата, доволно сме далеку од Охрид за да ја знаеме неговата практична вредност но, и вистината – каде бевме пред 20 години, а каде сме денес“, порача Пендаровски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи