Спасовски со честитка за Денот на Армијата: Привилегија е да се биде дел од Армија на НАТО членка


Почитувани припадници на Армијата. Дозволете ми во мое лично име и во име на МВР да ви го честитам денешниот празник, 18 август – Денот на Армијата на Република Македонија, со искрена благодарност за вашиот ангажман за заштита на безбедноста и суверенитетот на нашата држава, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неговата честитка по повод Денот на Армијата на Република Македонија.

„По формирањето на првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев” во 1943 година, како и по три децениската самостојност и заложба кон исполнување на НАТО стандардите, по професионалниот однос на храбрите жени и мажи припадници на Армијата и по темелните одбранбени реформи, можам да кажам дека Армијата денес претставува кредибилна и почитувана членка на најмоќниот воено-политички сојуз во светот, посакуван партнер во НАТО мировните мисии, а нашата држава стана фактор за мир и стабилност во регионот.

Привилегија е да се биде дел од Армија на НАТО членка, дел од вежби од светски ранг – пред неполни три месеци на Криволак беше изведена вежбата „Одлучен удар 21“ на сојузничките Армии на Македонија, САД, Грција и Бугарија – доказ дека заедно сме посилни.

Сакам да оддадам и посебно признание на припадниците на Армијата кои повторно покажаа и докажаа дека се на првите борбени линии насекаде кадешто е потребно, рамо до рамо со полициските службеници, пожарникарите, медицинскиот персонал и солидарните граѓани, без оглед на тоа дали станува збор за криза од пандемијата со Ковид-19 или од катастрофалните пожари низ државата, неизмерно сме благодарни за вашиот придонес за безбедна и перспективна иднина за денешните и идните генерации.

Нека е честит и за многу години 18-ти август, Денот на Армијата на Република Македонија!“, стои во честитката на Спасовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи