750 години богата историја, култура и значајни цивилизациски придобивки – манастирот Св.Никола во Мариово

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Манастирот Свети Никола во селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово. Духовен мирен, недопрена природа и убавина од која застанува здивот. До манастирот се стигнува кога од Прилеп ќе тргнете по патот за Мариово. Треба да го поминете легендарниот Расимбегов мост и на околу 2 километри од реката Црна треба се врти во десно и од тука па се до селото Манастир има уште 3 км., каде во централниот дел на ова населено место се наоѓа манастирот.

Манастирот годинава одбележува 750 години постоење, еден од ретките православни храмови во Македонија кои може да се пофалат со ваква старост. Посериозните археолошки истражувања во манастирот се правени од 1989 година па се до 1997 година во рамкии на проектот – „Културно ликовно минато на Мариово“ при што се дефинирале основните етапи на развој на овој комплекс од неговата изградба па се до денес. Дел од тие истражувања бил и археологот Бранислав Ристески.

„Како стратегиска определба во рамките на археолошките истражувања во рамките на овој проект беа определни 3 пункта за подетални археолошки истражувања, а тоа е Градок, во близина на селото Манастир, 5 километри оддалеченост од Св. Никола. Вториот пункт е Св. Никола во село Манастир, и трет е Градешница. Овие пунктови овозможија во целост да ги разјасниме процесите на христијанизација во регионот Мариово, кој што знаеме дека е позициониран и непосредно поврзан со Меглен и со просторот на Солун во поширока смилсла. Од тие причини еден од клучните пунктови, сакам да потенцира, се токму археолошките истражувања на локалитетот, односно во рамките на манастирскиот комплекс Св. Никола во село Манастир.

Втората етапа од археолошките истражувања на овој простор се поврзува од 2002 до 2012 година, кога беа превземени сериозни конзерваторски зафати на црквата Св. Никола, при што бевме во можност во рамките на црквата и просторот непосредно околу црквата во детали да ги истражиме сите позиции што ни овозможи да го следиме развитокот на овој сегмент од манастирскиот комплекс.

Последната, третата фаза од археолошките истражувања ја поврзуваме со периодот од 2012 до 2015 година, кога имавме систематски археолошки истражувања кои во суштина беа завршни истражувања кои ни овозможија сите оние дотогашни сознанија да ги потврдиме и да ги осознаеме, или летализираме за да можеме да зборуваме за суптилни процеси во рамките на развитокот на овој манастирски комплекс. Манастирскиот комплекс Св. Никола во селото Манастир, заедно со комплексот Трескавец во близина на Прилеп се двата комплекси целосно истражени археолошки, манастирски комплекси кои овозможуваат покрај сознанија за манастирските цркви, сознанија и за манастирската архитектура во целина, односно како битен сегмент во социо-економското покрај религиозниот аспект на овие комплекси“, истакна Бранислав Ристески, археолог.

Манастирот има 4 фази на развој. Првата црква тука е изградена во 1095 година, а тоа се дознава од записот во првата зона фрески сочуван на две страни во централниот кораб, каде пишува дека ктитор е протостраторот Алексеј, вујко на византискиот цар Алексеј Комнен. Овој напис е база на подетално истражување на овој манастирски комплекс. Но таа црква која тој градел се разурнува, а потоа во втората половината од 13 век ја обновува игуменот Акакиј во 1265 година, а црквата се фрескоживописува се до 1271 година. Година од кога се зема и овој датум на 750 годишниот јубилеј на постоењето на црквата. Значи првата фаза на развој на манастирот е од 1095 година, па се до средината на 13 век.

Спомнавте 1095 година како една година која што е заведена за почеток на манастирскиот живот тука. Дали се знае нешто повеќе околу тој период, дали црквата во тоа време била изградена на ова место на постоечката црква, на друга локација и како изгледал целиот тој манастирски комплекс во тој период?

Со археолошките истражувања констатиравме дека не постојат постари наоди на овој простор, односно не е изграден на простор каде претходно постоела постара црква, ранохристијанска или раносредновековна, што значи дека провото конституирање на црквата и на манастирскиот комплекс се поврзува со 1095 година. Тоа било мала еднокорабна црква со полукружна апсида на источната страна со влез на западната страна и покриен трем над овој влез. Со археолошките истражувања откривме голем број фрагменти од фрескодекорацијата кој зборува дека оваа мала црква била скоро во целост фрескописана, со тоа што фрагментите не овозможуваат реконструкција на поголеми целини, но тие фрагменти овозможуваат елементарно стилсколиковно определување на декорацијата од овој период“, вели Ристески.

Каде се наоѓала таа прва црква, на ова место каде што е постоечката?

 Во рамките на денешната црква таа го зафаќа просторот во централниот кораб и нормално при втората изградба, при реконструкцијата е испочитуван олтарот, односно сакралниот простор. Во суштина, денешниот олтар и централниот кораб ја претставуваат таа црква и делови од таа црква се сеуште сочувани. Вториот сегмент од овој манастирски комплекс се содржините поврзани со објектите за станбен, економските и живеалишните простори. Имено на северозападниот дел од манастирскиот комплекс, односно црквата се констатирани делови од манастирските објекти и тука имаме во долниот дел складишни објекти вкопани во земја, живеалишни објекти, потоа делови од оградниот ѕид при што влезот се наоѓал западно од денешната црква, односно при денешната интервенција е испочитувана главната линија на простирање на оградните манастирски ѕидови“, кажа Ристески.

Интересно за оваа прва фаза од развојот на манастирот е тоа што на јужната страна од црквата се пронајдени гробови од тој период, каде се погребувани само монаси, што укажува на фактот дека тука не живеело друго цивилно население освен црковните претставници.

Втората етапа со развојот на манастирот Св. Никола во селото Манастир се поврзува со периодот од 13 до раниот 15 век, односно до започнувањето на освојувањето на овој простор од страна на Османлиите?

Токму оваа фаза е можеби во културно-цивилизациска смисла го означува највисокиот степен во развитокот на црковната архитектура и воопшто развитокот на манастирското живеење на овој простор. Дел од раната историја на оваа фаза е одбележана во веќе споменатиот фесконапис во наосот, каде што се спомнува дека Кирионики, кој после замонашувањето го добива името Акакиј, со сопствени средства и со сопствен ангажман, наоѓајќи ја претходната црква во руини, се обидел односно презел активности за возобновување, односно реизградба на манастирот и затоа се нарекува втор ктитор, бидејќи првиот ктитор веќе го спомнавме протостаторот Алексеј.

Имено во 1265 година се започнати градежните работи, при што се финализирани 1271 година и со фрескописувањето, односно тоа е она мотивот за 750 годишниот јубилеј кој го прославуваме. Имено овие 5 години, некаде спомнати и како 7 години на градба имаат два моменти. Првиот, фактот дека средствата со кои располагал Кирионики и неговите тежби да обезбеди средства,  веќе се работело за суштински голем и комплексен зафат, му одземале многу време. И второто, се работи за суштинска организација на просторот.

Имено, со археолошките истражувања констатиравме дека платото, кое претходного завземала малата еднокорабна црква било недоволно во амбициите да се изгради трикорабна манастирска црква според концептот на трикорабната црква во локалитетот Градок и од тие причини западно од еднокорабната црква е изведено насипување, односно денивелација на просторот со градежот од постарата црква и тука имавме можност да откриеме голем дел од градежот, фрескописот, камената пластика на единаесеттовековната црква, што значи дека таа е скоро во целост отстранета, односно сочувани се само олтарниот дел и делови од источните ѕидови. Со овој зафат всушност е добиено пространо плато за веќе замислената трикорабна базилика.

Тука има неколку моменти кои зборуваат за многу сериозно планирање. Имено оваа трикорабна базилика на западната страна има исклучително решен, односно уникатен трем, во кој во долниот дел се позиционирани 8 ѕидани гробници кои се наменети за особено значајни христијански дејци, кои делувале на овој простор. Она што е особено значајно е што северозапдниот столбец од новоизградената црква во темелите конструктивно поврзан е со вкопан гроб, кој со голема веројатност претпоставуваме дека е гробот на ктиторот Акакиј. Бидејчи тој е конструктивно поврзан и е надвор од единаесеттовековната црква, зборува за едно претходно планирање на местото на погребување на ктиторот. Во основа тоа е нетипично место на погребување, но тоа е избор на ктиторот во случај. Но пак ќе се вратам на тремот, тие ѕидани гробници се уникатни, вградени во тремот и кои како такви зборуваат за едно исклучително организирано христијанско живеење на овој простор, што е особено значајно за регионот Мариово.

Имено, на ова место, треба да напоменам дека овој исклучително простран регион досега не се констатирани остатоци, пишани или материјални, кои говорат за постоењето на градска населба. Во тој период, субститут или замена за тие градски населби во кои се сублимирани религиозните, економските па и воените потенцијали на еден регион, отсуствува и веројатно субститут се токму овие манастири, манастирот Св. Никола во селото Манастир и манастирскиот комплекс на локалитетот Градок на 5 километри воздушна линија од овој простор“, додава Ристески.

Целиот овој комплекс во тој период е организиран според типичните византиски обрасци. Околу црквата се распоредении голем број гробови во кои сега има промена за разлиика од претходната фаза, односно сега покрај монашките погребувања, има погребувања и на обични луѓе. Тоа зборува дека сега околу манастирот живее и циивилно населние. Односно освен оние луѓе кои го опслужуваат манастирот, односно работат тука, живее и друго население кое се населило тука и гравитира кон овој простор. Практично се работи на еден поголем комплекс чиј средишен простор зазема манастирот.

„Имаме исклучително квалитетни решенија на подното ниво по сите стандарди на тринаесетвековната византиска архитектура, а веќе спомнатите тремови од јужната и северната страна кои прават целина со тремот на западната е буквално на некој начин решение кое покажува на едно петтокорабно решение со отворени тремови за да бидам појасен. Потоа организацијата на манастирскиот комплекс по сите стандарди со многу репрезентативен влез, фланкиран со контрафлори, едноставно типичен исклучително квалитетно архитектонско решение на класичен византиски манастир, со сите пропратни елементи. Во секој случај зборува за исклучително високо ниво, дури и зачудувачки за еден ваков простор, отсуствува урбана населба на овој простор и можеби таквата концентрација се должи токму на тоа, субститутот на урбана населба во овој регион“, вели Ристески.

Третата и четвртата фаза од развојот на манастирот се поврзуваат со 15 век па се до средината на 20 век. Третата фаза хронолошки се определува од првите децении на 15 век, па се до крајот на 17 и почетокот на 18 век. Таа започнува со Османлиското навлегување на овие простори кога и започнува осиромашувањето на манастирот, се до негово компленто руинирање, уништување на дел од црквата, и нејзино возобновување во 19 век како обична селска црква на селото Манастир.

„Имаме дел од тие претходно репрезентативни објекти изѕидани по сите византиски стандарди со внатрешна инфраструктура која одговара на тоа високо ниво на манастирско живеење, сега се редуцирани и сведени на уталитарни објекти. Дел од тие објекти се буквално помошни простории, дел се напуштени, при што оградните ѕидови се одржуваат само во елементарна смисла, додека бројот на погребувања кои со сигурност се поврзуваат со овој период зборува дека манастирското живеење е редуцирано на минимално манастирско братство. Соодветно на тоа имаме само минимални интервенции во фрескописот, односно одржување и нови дополнителни фрескоинтервенции, особено во јужниот трем, интервенции во внатрешноста на оштетените делови, но во суштина зборува за едно минимално елементарно манастирско живеење. Со тоа што веројатно крајот на 17 и почетокот на 18 век статографските согледувања покажуваат дека веќе манастирот постепено е напуштен, така што во текот на 18 и првата половина на 19 век веќе ги гледаме сите траги на руинирање.

Манастирската црква и покривот во голем дел е срушен, објектите во голем мера се изложени на постепена девастација, така што веќе во средината на 19 век манастирот е во голема мера руиниран. И тогаш доаѓаме до последната етапа од историјата на овој манастирски комплекс, кога во суштина, паралелно со возобновувањето на селото Манастир, кое веројатно во споменатиот период не егзистира, со концетрирањето на населението од околните села на овој простор се јавила потреба и од религиски, сахрален пункт, при што манастирската црква е возобновена, со тоа што со оглед веројатно на познавањето на тие религиски стандарди можеби и немањето податоци оваа црква сега е посветена на Богородица.

Така што и во натписот стои дека до 1955 година со истражувањата на професорот Петар Мирковиќ и професорот Љупче Костов се констатирани постарите фази, значи периодот од средината на 19 век се до средината на 20 век оваа црква се сметала дека е посветена на Богородица. И тука имаме сега веќе возобновување делумно на покривот на црквата, потоа премачкување, не би реков фрескодекорирање, на фреските со една неквалитетна сликарија, која е карактеристична на темносина боја. Потоа имаме нов мобилар, односно внесување на олтарната преграда со една примитивна серија на икони и во суштина овој претходен манастирски комплекс станува селска црква на новоконституираното село Манастир“, потенцираше Ристески.

Најзначајниот објект во манастирскиот комплекс е црквата која е вистинско ремек дело, како по својата архитектура, така и по фрескоживописот, кој на некои места, особено тука во арките, фреските се зачувани како да се сликани сега, а не пред 750 години. За жал другиот дел фрески се делумно уништени, затоа што црквата долги години била разрушена и без покрив и фрескоживописот бил оставен на најсуровите надворешни влијанија, снег, дожд, сонце и друго.

„Црквата е тробродна базилика со 3 апсиди кои се однадвор тространи, а во внатрешноста се со полукружна форма. Страничните бродови се разделени со пиластри, големи, затоа што црквата е со монументални димензии и преставува редок ваков случај на нашава територија со вакви димензии и ваква црква. Со испитувањето внатре, со истражувањата откриено е дека постојат 3 натписи, 2 грчки и 1 старословенски. Старословенскиот се најдува во северниот брод на источната страна на јужниот ѕид и тука откриени се податоци дека црквата е посветена на Св. Никола, кој е ктитор. Во двата грчки натписи во централниот брод на северниот ѕид и на јужниот ѕид над првата зона од живописот се најдува грчкиот натпис во кој има податоци кога е градена црквата, кој е ктитор и кога е живописана. Во третиот натпис, исто грчки, кој се најдува во северниот брод на јужниот ѕид пишува на кого е посветена црквата Св. Никола и кога е изградена.

Во грчкиот натпис кој се најдува во централниот брод на двата ѕида, на северниот и на јужниот, на западниот не знаеме дали продолжувал бидејќи западниот ѕид е оштетен и е доградуван многу многу покасно. Во грчкиот натпис пишува дека црквата е изградена 1095 година, а како ктитор ја градел Алексеј, чичкото на Алексеј Кобнен, потоа живописана е во 1271 година комплетно црквата, во сите 3 брода, централниот и страничните бродови јужниот и северниот се живописани тогаш, додека во западниот ѕид на двата брода живописот е од 1506 година, кога е и утврдено дека се доградувани и некои други делови на црквата.

Во старословенскиот натпис кој се најдува исто така во северниот брод на северниот ѕид до апсидата, има податоци дека е правена интервенција на живописот 1888 година и доградени се исто така некои делови на црквата кои биле разрушени. 1935 година, бидејќи црквата е бомбардирана за време на Првата светска војна и подолг период останала на забот на времето, срушен е сводот горе, покривот и комплетно западниот ѕид, и тогаш е дограден западниот ѕид. Затоа, гледате и самите дека нема живопис на тој ѕид, додека на западниот дел е од 1605 година живописот. За време на турскиот период продолжил континуитетот да црквата биде активна, затоа што уште тогаш има податоци дека турците имале посебен однос према овој дел на мариовскиот дел и посебно према овој објект и непречено си функционирал“, изјави Благоја Атанасоски, историчар на уметност.

Како почеток на последна или денешна фаза од развојот на манастирот може да се земе 2007 година кога Синодот на МПЦ донесува одлука тука повтоно да заживее монашкиот живот. Со благослов на надлежниот архиереј Господин Петар, во 2008 година тука доаѓа отец Никола кој претходно живееше со братството во манастирот Зрзе. Денес манастирот е составен од трочлено монашко братство предводено од игуменот орец Никола кој топло не пречека во новиот конак на манастирот.

Денес како се одвива монашкиот живот тука, колкаво е братството, што се работи, од што се живее?

„Ви кажав дека Мариово за нас барем како што ние ги разбираме нештата има исклучително убави услови за монашко живеење. Оддалеченоста од градовите, од општествениот живот, од цивилизацијата воопшто значи едно тивко пристаниште за секој кој се одважил да тргне по тој пат и многумина гледаат во Мариово буквално една македонска пустиносфера. Како што ви е познато, монаштвото е родено во пустините, најпрво во Египетската пустина, подоцна во пустините на Палестина, Сирија, Мала Азија, Кападокија и од таму кон целиот Балкан.

Така што и денес може да се каже дека токму овие места што ја имаат таа природна погодност се привлечни за монашко живеење. Најголем приоритет цело време беше обновата и грижата за црквата. Црквата беше во многу лоша состојба, со помош на надлежните институции и покрај тешките и сложени процедури што важат за спомениците на култура кај нас, се обидовме да ја спасиме црквата од постојаното пропаѓање во почвата, бидејќи црквата е изградена половина на еден карпест терен, а половина во една полнетица. Се случуваа едни големи движења на ѕидовите, така да 9 години посветено се работеше на обнова на темелите на црквата. Тоа заврши пред неколку години и значеше буквално спасение на самата црква.

Во однос на условите на монашкото живеење беше ете првенствено нешто да се направи монашки конак, други придружни објекти кои го помагаат нашето монашко живеење, а буквално изминативе години сме се бавале со тоа што сме сметале дека во тој момент можеме да го правиме и ќе придонесе за доброто на манастирот, секако со божја помош, со благослов на владиката и со љубовта на многу луѓе, многу поединци кои тука се пожртвуваа и несебично придонесоа да се обнови манастирот. Во овој момент обновуваме неколку нешта, а тоа се манастирската тврдина, фактички работиме на оградувањето на манастирот, одредени работилници и како основно едно занимање на монасите во манастирот е пчеларството.

Секако основното нешто во манастирот е духовниот живот, а тој е невидлив. Кога ќе дојдат луѓето обично прашуваат што правите и со што се занимавате сакаат да видат нешто конкретно, сакаат да видат ѕидови, сакаат да видат некој видлив печат на нашето живеење тука, но сепак монашкиот живот е посветен на невидливото, посветен е на внатрешниот живот, посветен е на духовната стварност која многу тешко се регистрира со телесните очи. Па така и тука, Мариово е навистина еден простор каде монахот може во полнота да ја почувствува слободата. Како што ќе каже прекрасно старец Пајсеј Светогорец, пресветител денешен, дека монахот не постои за да му служи на манастирот, туку манастирот постои за да му служи на монахот за спасение. Таа е една перспектива која ние сакаме да ја живееме, сакаме да ја сведочиме“, истакна отец Никола, игумен на манастирот Св. Никола во с. Манастир.

Ова мало магично место навистина вреди да се посети и да се почувствува целата негова небесна убавина. Верувајте нема да зажалите ако следната ваша дестинација биде токму манастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2021 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи