Македонија е прва земја во регионот за која сертификатите за КОВИД-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.
Европската комисија денеска донесе одлука со која се гарантира дека сертификатите за КОВИД-19 издадени од Република Македонија ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ за КОВИД-19.
Ова значи дека нашата земја ќе биде поврзана со системот на ЕУ и дека сертификатот за КОВИД-19 издаден од нашите авторитети ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и Дигиталниот сертификат за ЕУ.
Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ Дигиталниот сертификат за вакцинација.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи објасни дека на овој начин нашите граѓани ќе ги избегнат ограничувањата во патувањата, како што се дополнително тестирање или карантин.
„Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против ковид-19 одобрени од ЕУ. Оваа Одлука на Европската комисија е признание за Македонија за преземените активни чекори од наша страна во поглед на интероперабилноста со правилата на ЕУ во оваа насока. Ова значи потврда за автентичноста, валидноста и интегритетот на одлуките и чекорите што се преземаат од нашите институции кога станува збор за заштитата на здравјето на нашите граѓани и мерките кои се преземени во таа насока“, вели Османи.