УНИЦЕФ ја поздравува физичката настава: Македонија најдолго ги затвори училиштата, цели 54 недели


УНИЦЕФ ја поздравува одлуката на Владата за отворање на училиштата за сите деца во септември. Ова е особено важно бидејќи Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели, додавајќи дека оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија.

Патриција Диџовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабрува одлуката на Владата за отворање на училиштата и истакнува дека ризикот од пренос на ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти.

„Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со ковид-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно. Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство. Владите низ светот многу често ги затвораа училиштата за настава со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени“, вели Патриција Диџовани.

Патриција дека истражувањето што го спровеле со раководителите на училиштата, наставниците и родителите покажало дека над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Повеќето наставници исто така во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.

„Освен тоа, пред пандемијата на ковид-19, Северна Македонија веќе се соочуваше со образовна криза. Иако дава надеж тоа што земјата покажа подобрување при последните резултати од ПИСА, над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не ги достигнале основните нивоа на знаење по читање и математика. Секое континуирано нарушување на образованието може да ги поништи овие придобивки“,  предупредува ДиЏовани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи