Ковид-пандемијата наложи промени во сите сегменти од живеењето и неопходност од брзо прилагодување. Новата реалност во туризмот значи промена на таргетите и фокусот на пазари кон кои ќе се цели.
Активниот туризам доаѓа во преден план, заедно со интересот за посета на еко-дестинации и престој во мали сместувачки капацитети. Профилот на турист кој ја посетувал нашата држава нема да е веќе истиот, туку ќе биде личност која бара безбедна дестинација, авантурист кој преферира патување во мали групи и користи напредна технологија, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.
Пред приватниот сектор на која беа претставени плановите и чекорите за побрзо закрепнување на туризмот, Јаневски истакна дека првата половина на 2021 година во споредба со 2020-та се очекува да донесе раст.
„Лани немаше можност за патување. Согласно тоа, растот во бројот на туристи е 42,5 проценти, додека бројот на ноќевања расте за 54 отсто, но сеуште предничи домашниот туризам на сметка на странскиот. Следствено на овој тренд е и трендот на пораст на девизниот прилив кој е за 13,59 отсто повисок од лани, генериран најмногу од домашните и регионалните туристи. Примарните пазари, на кои припаѓаат 77 отсто од вкупниот број на ноќевања и 76 отсто од вкупниот број на туристи, се Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Турција, Полска, Србија, Холандија и Хрватска. Со 13,2 отсто учествуваат секундарните пазари во вкупниот број на туристи и 12,9 отсто во вкупнот број на ноќевања, а тука спаѓаат Украина, Словенија, Русија, Велика Британија, Италија, Шпанија и Германија“, рече Јаневски.
Според него, промоцијата како основна активност на АППТ, за 2022 година предвидува зголемено присуство на саемски манифестации на примарните и секундарните пазари, но и маркетинг активности во истите. Промоцијата ќе биде зајакната преку продукција на 360 видео тури од туристички атракции, информативни патувања, продукција на нови еллектронски и печатени промотивни материјали, како и промотивни активности за нови туристички производи, како на пример за ИТ номади.
Во програмата на АППТ за 2022 година е предвидено да влезат и проекти за заштита на постоечките и обнова на старите занаети кои се во функција на туризмот, валоризација на граничните премини, изработка на туристички мапи и многу други кои ќе придонесат за остварување на очекувањата кои се во насока на 2.2-2.3 милиони ноќевања и над 300 милиони долари девизен прилив од ставка туризам.
Секако, неопходна е соработка и со други институции, од кои ќе се побара поддршка за создавање на платформа Е-посетители, означување на сите туристички локалитети, промена на моделот на субвенционирање на организираниот туристички промет и останати активности кои ќе придонесат за поголема промоција и полесно постигнување на самоодржливост на туриситчката индустрија.