Она кое што е утврдено на владина седница уште во јуни месец е дека Министерството треба да се подготвува за 3 сценарија, едното е целосно физичко присуство, едното е хибриден модел и последното е еден најлош, или сите во онлајн настава, што за нас е многу значајно, бидејќи така постапуваат сериозни системи. Ова денеска го истакна министерката за образование, Мила Царовска, при посетата на Прилеп.
„Ние пред 3 владини седници донесовме одлука заедно со сите министри по препорака на главниот координативен штаб училишната година да почне на 1 септември и да стартува со физичко присуство за сите ученици во сите училишта и тоа го подготвуваме и за тоа се припремаме. Во секој момент доколку добиеме аларм од Комисијата за заразни болести дека треба да размислуваме за ново сценарио, тогаш повторно ќе се состанеме и ќе размислуваме за нови одлуки, но секако во интерес на учениците пред се, затоа што и УНИЦЕФ и ОЕЦД излегоа со свои ставови дека е значајно учениците да бидат во училница.
Училниците или училиштата први се отвораат, последни се затвораат и само така можеме да ги одржиме овие генерации што се денеска во училиште да очекуваме понатаму да бидат продуктивни граѓани, затоа што секој ден изгубен од училиште е загуба за иднината на нашата држава. Затоа ние ќе се стремиме да ги почитуваме сите протоколи, училиштата да се грижат за хигиената, за спроведување на протоколите и на тој начин да немаме интерна трансмисија. Тоа го покажавме и минатата година, интерна трансмисија немаше во ниту едно училиште и така очекувам и оваа година посветено, одговорно сите ние да се однесуваме и да ја истуркаме целата учебна година со физичко присуство“, истакна Царовска.
Министерката за образование рече дека повеќе од 65% од вработените во образовниот систем виле вакцинирани што давало, според неа, добра позиција за старт на учебната година.