Тутунарите денеска повторно ја запрашаа Владата зошто тие и сточарите не се вклучени во мерката за помош на земјоделците „Зелена нафта“. Велат дека ако некој од власта не знаел и тракторите од тутунарите како и останатите возеле на нафта, а не на вода. Иако упатиле прашања до повеќе институции, никој не сакал да им одговори зошто тутунарите не добиваат ваква нафта. Исто така тутунарите уште еднаш запрашаа зошто и после неколку месеци државата не го исплаќа т.н. 5 ковид пакет како помош за тутунарите.
„Иако знаеме дека овој пакет се изгласа во Собранието во април и сите сме сведоци како се донесе со еден циркуз, со носење на заразени пратеници од Ковид и каков театар од тоа се направи, еве сега за некој ден ќе биде септември, ние овие пари не сме ги добиле. Зошто, што е причината бараме одговори од надлежните и бараме веднаш исплата“, истакна Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунарски здруженија.
Поради огромните суши тутунарите велат дека родот е преполовен и бараат прогласување на елементарна непогода и зголемување на откупните цени за 30 денари по класа.
„Ако просекот на државата е некаде од 150 до 180 кг. за декар, ние очекуваме годинава тој да биде 80 кг. по декар. А во реоните каде што нема наводнување и по 50 кг. по декар, тоа ќе биде катастрофално лоша година и спрема анализите од терен реколтата на ниво на држава ќе се движи околу 16 милиони килограми од предвидените 22 милиони килограми. Баш не интересира како откупувачите ќе ги најдат тие 5-6 милиони килограми кои ќе недостасуваат, дали со тој фамозен закон за можен увоз на тутун ќе видиме, но како и да е ќе недостигаат 5-6 милиони килограми тутун“, додаде Мирчески.
Тутунарите се пожалија и тоа дека се уште дел од нив немаат земено субвенции поради бирократски процедури.
„Се вадат на варијанта дека нема поминато пашарина, дека немаат платено водарина. Закочена е работава помеѓу институциите. Во „Прилепско поле“ ти викаат е платено, во Платежна агенција ти викаат дека си должник во Прилепско поле или спрема пашарина, значи моментално субвенциите и тие што се исплатени не се во целост исплатени, а и треба уште голем дел да се исплатат“, изјави Тони Ангелески, претседател на тутунарско здружение.
За сите овие отворени прашања бараат итна средба со надлежните институции.