Учениците од средните училишта во Тетово и во Гостивар ќе ја почнат учебната година со онлајн настава, извести министерот Венко Филипче во Тетово по средбата со градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Со онлајн настава, според препораката на Комисијата за заразни болести, треба да се почне во првите две недели, а потоа ќе се следи ситуацијата. Конечната одлука за тоа треба да ја донесе Владата.
Учениците од основното образование ќе посетуваат настава со физичко присуство.
„Со консензус се донесе препораката за средните училишта во полошкиот регион, Тетово и Гостивар учебната година од 1-ви септември да ја започнат онлајн и тоа да биде во првите две недели, а понатаму согласно тоа како ќе се одвива ситуацијата со бројот на новодијагностицирани лица. Ваквата одлукаво Комисијата ја донесовме поради ситуацијата со болниците, и не сакаме да се случи дополнителен притисок. Добро е што постепено се намалуваат, и добро е што се отвораат дополнителни пунктови за вакцинација. До неодамна процентот на вакцинираност во Тетово беше 23 отсто, а сега е 35 отсто“, кажа Филипче.
Министерката за образование и наука Мила Царовска утрово кажа дека Комисијата за заразни болести разговарала за барањата на Кризниот штаб на Општина Тетово, за учебната година да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците и невакцинираните наставници да се тестираат еднаш неделно на нивна сметка, но дека одлуката ќе ја донесе Владата.