Прашина е македонски филм од 2001 година, во режија на Милчо Манчевски кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Џозеф Фајенс, Дејвид Венам, Адријан Лестер, Ен Броше, Розмари Марфи, Салаетин Билал и Николина Кујача, а музиката е дело на Кирил Џајковски.
Во подготовката за снимањето на филмот, Манчевски и неговата екипа направиле обемно истражување за Дивиот Запад и за Отоманското царство, консултирајќи над 160 книги и статии за тој период.
Светската критика „Прашина“ го нарече „македонска Герника“, а Манчевски „кубист на сребрениот екран“. „Амбициозен и фасцинантен“, рече „Ла Република“, „Манчевски има ретка визуелна интелигенција“, вели „Вилиџ војс“. „Моќно, самоуверено и амбициозно филмско дело….Има доволно културен судир што на Прашина на му треба еквивалент на зен коан“, вели „Њујорк тајмс“.
Јубилејот 20 години од премиерата на „Прашина“ на Милчо Манчевски на отворањето на Венецискиот фестивал во 2001, се одбележа вчера со презентација на филмот на три угледни платформи: Македонската радио телевизија го емитуваше во 23 часот; во 20 часот беше прикажан под отворено небо во дворот на Кинотека; а на фан страницата на Манчевски на Фејсбук (https://www.facebook.com/Milcho.Manchevski ) беше поставен линк за бесплатен стриминг на филмот.
Содржина на филмот
Еџ (го игра Лестер) е ситен крадец од Њујорк кој упаѓа во станот на осамената старица Енџела (ја игра Марфи). Таа му го крши носот и го принудува да ја слуша нејзината животна приказна, кажувајќи му дека поседува многу златници. Притоа, таа претрпува инфаркт и Еџ ја носи на болница. Енџела му раскажува за двајцата браќа од Дивиот Запад, Лук (го игра Венам) и Илајџа (го игра Фајенс) кои се воодушевени од проститутката Лилит (ја игра Броше). Илајџа и Лилит се венчаваат и добиваат дете кое набргу умира. Лук оди во Европа и за време на едно кино-претстава во Париз дознава за борбите на македонските востаници во Отоманската империја. Привлечен од богатата награда за главата на водачот на востаниците, наречен Учителот (го игра Јовановски), тој оди во Македонија каде ѝ се приклучува на една арнаутска банда. Тој успева да го зароби Учителот, но во тој миг турската војска ја напаѓа бандата, а Илајџа тешко го ранува Лук во градите. Браќата се заробени од турската војска, но потоа се ослободени. Ранетиот Лук го среќава бремената сопруга на Учителот, Неда (ја игра Кујача), која го лекува. Додека закрепнува, Лук постојнао мисли на Лилит со која имал љубовна врска за време на нејзиниот брак со Илајџа. Еден ден, во селото пристигнува турската војска, носејќи ја пресечената глава на Учителот. Тогаш, свекорот на Неда му дава златници на Лук и тој го напушта селото. Него повторно го пронаоѓа Илајџа и му кажува дека бремената Лилит извршила самоубиство. Тогаш, нешто се прекршува во лошиот Лук и тој се враќа во селото кое го затекнува запалено, а многу од селаните се убиени. Лук оди во таборот на турската војска и се обидува да ја ослободи Неда со златниците, но сакајќи да убие еден турски војник, тој смртно ја ранува Неда. Тогаш, разјарениот Лук почнува да ги убива турските војници; Неда се пораѓа и умира, а во тој миг погинува и Лук. Најпосле, на местото пристигнува Илајџа кој го зема бебето со себе. Додека Енџела лежи во болницата, Еџ оди во нејзиниот стан и ги наоѓа златниците. Тој редовно ја посетува Енџела во болницата и следејќи ја нејзината приказна дознава дека таа е бебето на Неда. Кога умира Енџела, Еџ го кремира нејзиното тело и пепелта ја носи во нејзината родна земја.