Локално произведена храна – зеленчук, овошје, жито, мешункасти и јаткасти плодови, пчеларски продукти и домашни преработки, ќе биде само дел од понудата на „Наша тезга” – првиот женски вирутелен е-пазар кој треба да профункционира до крајот на годинава. Го подготвува Рурална коалиција со своите соработници и поддржувачи, по иницијатива на жените од руралните средини.
„Наша тезга” ќе биде спој на традиционалното производство и животните приказни на жените производителки, а ќе ги опфати сите осум плански региони во земјава, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот, Источниот, Скопскиот, Вардарскиот и Североисточниот. Идејата е, потенцијалните потрошувачи кога ќе го посетат онлајн пазарот, најпрво да се зближат со производителките, да се запознаат со начинот на производство на храната, па дури потоа да ја купат.
Вака замислена, оваа интерактивна платформа ќе биде прва од ваков вид кај нас.
Во тек се интензивните подготовки. „Наша тезга” треба да биде завршена до крајот на годинава. Моментно тече теренското мапирање и прибирањето податоци за жените од руралните средини, нивните производи и преработки.
„Замислено е „Наша тезга” навистина да биде нашето локално виртуелно место на кое ќе може да се видат производите, да се дознае приказната за нив, па дури потоа да се купат, да се понудат богатите вкусови на нашата локално произведена храна, вели директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.
Според неа, иницијативата за ваквиот проект произлегла директно од жените производителки во руралните средини кои силно го почувствувале ударот од корона кризата, а една од специфичните цели е да се зголеми нивната економска моќ и независност преку создавање стабилни и конкурентни вредносни синџири во локалната заедница.
„Рурална коалиција беше една од трите организации од целата држава која успеа оваа своја идеја да ја презентира и пред бизнис секторот, како и пред индивидуалните граѓани заинтересирани да донираат, по што добивме и донација која треба да го помогне нејзиниот развој. Поддршката за е-пазарот почна да се зголемува. Проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) не поврза со студенти од ФИНКИ кои всушност ни ја изработија првата верзија на виртуелниот е-пазар, достапна на https://nashatezga.netlify.app/ што, пак, ни го поддржа Цивика мобилитас“, истакна Јоноски.
Моментот на иновативност бил доловен токму со ангажманот на младите инфроматичари што е додадена вредност на платформата.
„Сакаме да ја исполниме платформата со шаренилото од бои и вкусови кои го имаме тука, на нашето поднебје, по што ќе следи поставување на приказните на жените и производите, а ќе се изработи и бренд на самата платформа и нивните производи во соработка со нашите бизнис партнери. Секако, ќе се воведе и систем за испорака до дома, но ќе се креираат и пакети со различни производи наменети за компаниите и нивните вработени. Целосно во функција со сите елементи платформата треба да биде завршена до крајот на оваа година, но штом се постават приказните и производите на жените секој ќе може да си нарача директно од кај нив, а како ќе минува времето платформата само ќе се надоградува и проширува“, додаде Јоноски.
Освен контакт на производителите и купувачите, „Наша тезга” ќе овозможи, доколку некој сака, да прочита и нешто повеќе за агробиодиверзитетот.
Со ставањето во функција на овој онлајн пазар, не само што ќе се афирмираат традиционалните производи и преработки од осумте плански региони во земјава, туку ќе се зголеми и нивната промоција. Дополнително, ваквиот начин на работа ќе ги зајакне дигиталните вештини кај жените од руралните средини
Автор: РУРАЛНА КОАЛИЦИЈА