Дигиталната писменост кај руралното население – клучот кон успешна дигитализација на секторот земјоделство и рурален развој


Во секојдневната комуникација се почесто среќаваме низа поими од дигиталниот свет. Меѓу нив е и терминот дигитална трансформација, која освен што влијае врз сите сектори на економијата, таа истовремено го менува и нашиот живот, работа и комуникација. Дигиталната трансформација денес веќе не е прашање на избор – туку таа е неизбежна и неопходна. Дигиталната трансформација се однесува на процесот кој започнува од моментот кога организацијата/институцијата ќе почне да размислува на воведување на дигитални технологии и услуги во сите области на своето работење и трае до моментот на нивна целосна интеграција.

Дигиталната технологија е во центарот на денешниот економски развој и дебатата е токму во нејзината широка употреба за време на Ковид 19. Пандемијата ја забрза имплементацијата и примената на новите технологии, иако технолошките напредоци веќе го менуваа светот во изминатите две декади.

Дигиталните платформи можат да креираат сосема нови професии и работни места. Пандемијата ги натера компаниите и институциите забрзано да размислуваат за примена на нова електронска технологија, така што инвестицијата во дигитална трансформација не е веќе опција, туку е потреба.

Што се однесува до дигитализацијата и дигиталната трансформација во земјоделскиот сектор во Северна Македонија, се уште ново е да се зборува на оваа тема. Земјоделството кај нас  доминантно работи на традиционално поставениот модел. Дигитализацијата во земјоделството е важна не само за полесен пристап до информации, јавни услуги туку таа овозможува и полесно малите и витални земјоделски стопанства да можат многу лесно да се прилагодат на новонастанатите пазарни ситуации, и многу поуспешно и побрзо да направат реформи и да станат поконкурентни а со тоа да го задржат пазарот денес и во следните децении.

Во изминатиот период, земјоделството, заедно со ловство, шумарство и рибарството има остварено вкупен пораст на бруто додадената вредност од 4,5%. Секторот бележи континуиран годишен пораст на вредноста од 871.400.000 евра во 2014 година на 910.900.000 евра во 2019 година, освен во 2017 година поради влијанието на временските услови. Од друга страна, релативното учеството на земјоделскиот сектор во бруто додадената вредност е намалено од 10,2% на 8,1% поради поголемата додадена вредност остварена во останатите попропулзивни економски дејности. Заедно со преработувачката индустрија, учеството во БДП достигнува 12% во БДП, односно е на трето место после индустријата и услугите.[1] Сепак оваа индустрија останува непрепознаена и фрагментирана, а прифаќањето на дигитализациите се одвиваат се одвива многу бавно.

Од друга страна пак кога ќе го споменеме човечкиот фактор  – земјоделците, и нивното делување во услови на корона пандемија  и дигитализација се отвараат многу прашања на кои во иднина ќе треба да се работи. Имено според податоците на Дражавниот завод за статистика во Северна Македонија регистрирани се 170.000 семејни земјоделски стопанства.[2] Секое од овие земјоделски семејни стопанства, ако земеме предвид дека во просек има 4 члена, тоа е население од 600.000 граѓани кои имаат минимално ниво на компјутерска писменост. Ова е потврдено со фактот дека дури и во услови на пандемија, само 10.000 земјоделци аплицирале преку електронскиот систем за добивање субвенции. Дополнително, за време на ковид кризата, на површина излегоа сите проблеми со кои се соочуваат земјоделците.

Ова беше особено видливо во делот на електронско добивање дозволи за движење кога беа забележани огромни гужви пред подрачните единици на Министерството за земјоделство, но и пред другите институции особено банките, бидејќи земјоделците немаат знаење, време, но исто така и и довербата во системот го направи најголемиот дел од работата и обврските по електронски пат. Во време на криза, земјоделците го ризикуваат сопственото здравје и здравјето на вработените во институциите заради ниското ниво на дигитална писменост, но исто така и заради слабата доверба во институционалниот систем. Токму поради тоа дигиталната писменост на земјоделците е прашање, кое во иднина треба се повеќе да се актуелизира.

Според истражувањето кое го спроведе Рурална коалиција во рамките на проектот ,,Дигитализација во земјоделството – СЕГА,, 92 % од населението од руралните средини поседува електронска платежна картичка, и 60% од нив истата ја користат само за подигање на пари од банкомат.[3]

Македонските земјоделци се запознаени со електронските услуги од нивниот домен на работење, како што се на пример електронското аплицирање за субвенции, електронско издавање на имотни листови, електронско следење на временската прогноза и сл.. но заклучок е дека ваквите услуги многу малку ги користат.

Во време на Ковид пандемија, земјоделците го ризикуваат сопственото здравје и здравјето на вработените во институциите и 65% од нив преферираат своите потреби и добивање на информации да ги завршуваат директно на шалтерите во институциите. Тоа се должи на ниското ниво на дигитална писменост, но слабата доверба во институционалниот систем. Но кај 93% од нив до колку им се даде поддршка и едукација, шалтерските услуги ќе ги заменат со електронски.

Ова го потврдува и фактот дека над 31% од земјоделците информациите ги добиваат со посета на надлежните институции, над 20 % ги користат социјалните мрежи за споделување на информации а само 19% од нив сами ги проверуваат информациите со користење на интернет алатки.

Ова вклучува црвено светло за аларм и потреба за итно дејствување во секторот, со цел дигитализација на секторот и запознавање на руралното население со дигиталната агенда, порталот за е-услуги, но и за зголемување на нивото на нивно образование и употреба на достапни е-услуги.

Токму во таа насока постојано работи Рурална Коалиција од избивањето на Ковид пандемијата, па наваму, па така во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ , организацијата спроведе серија од обуки за унапредување на дигиталните вештини кај претставниците на локалните мали грас рут организации кои што се состоеа од 2 главни сегменти и тоа: првиот, во делот на користење на е-услуги од националниот портал uslugi.gov.mk, и вториот дел, во однос на електронското аплицирање за субвенции. Од ваквите обуки треба да произлезат и локалните теренски обучувачи кои што ќе работат буквални директно на нива со земјоделците за да ги уверат во начинот на добивање на е-услугите како и во сигурноста и безбедноста на електронските документи.

Проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА!“ финансиран како подгрант во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ кој што го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм  (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Рурална Коалиција е една од трите граѓански организации Рурална Коалициjа е една од трите организации од Северна Македониjа коjа што стана дел од регионалната мрежата ИЦЕДА – Мрежа за зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда, која што освен во Северна Македонија е активна и во Албаниjа, Косово, Црна Гора и Србиjа

Годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан од Цивика мобилитас.

Содржината на овој натпис е единствена одговорност на Рурална Коалиција и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на донаторите.

Автор: Лилјана К. Јоноски – РУРАЛНА КОАЛИЦИЈА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи