Пожарот на планината Галичица, кој вчера гореше на албанска територија, според последните информации, со помош на ветрот е преминат на територија на РМ кај граничен камен Ф-9, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Вчера во 14 часот, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески по претходна координација со надлежните од Национален парк „Галичица“ испрати барање до Центарот за управување со кризи за ангажирање на летало, за проценка на пожарот и за спроведување на активности за гаснење од воздух.
Според првичните информации, од пожарот е зафатен шумски потег со високо стеблеста шума, на непристапен предел и нема опасност од проширување кон населени места.
Пожарот е навлезен километар, до километар и пол на наша територија. Зафатена е сува трева, а ветрот кој дува од јужен правец го шири забрзано на северозапад во правец на Магаро кон заштитените подрачја на паркот. Состојбата е критична, поради што во консултација со одговорните во граничната полиција побаравме од Центарот за управување со кризи интервенција од воздух“, изјавил за Ohrid News Наумче Новески од НП Галичица.