Реформата на јавната администрација – чекор поблиску или чекор подалеку од руралните средини?


Истекува периодот на спроведување на стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2020. Мониторинг на процесот на спроведување редовно се прави како од страна на граѓанските организации, така и од страна на самите нас граѓаните како секојдневни корисници на услугите на администрацијата. Неодамна беше објавен и вториот Национален мониторинг извештај за реформа на јавната администрација за период 2019/2020 од страна на Институтот за Европска Политика, во кој што меѓу другото стои дека “Отчетноста и проактивност на власта значително се подобрени во споредба со последниот циклус на мониторинг, а новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, суштински ги подобри правните основи за спроведување на ова право. Од друга страна, најголеми забелешки има за консултативниот процес. Консултациите со граѓанските организации не се случуваат во рана фаза и нема доказ во вид на извештај или записник околу тоа кои забелешки се земени предвид, а кои не.“

 

И токму тука се поставуваат и главните неколку дилеми:

Имено, направен е напредок во однос на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер особено во делот на скратениот рок за доставување на информациите, како и во делот дека најголем дел од институциите ги доставуваат одговорите, но тука се јавуваат 2 дополнителни прашања, прво, каков е квалитетот на информациите кои што ги добивате односно дали го добивате она што сте го барале или пак само површно ви се испраќаат информации кои што се недоволно јасни и разбирливи, па се случува и 3 месеци да си играте “пинг-понг“ со институциите за да ги добиете потребните информации. Но, 3 месеци се вусшност многу повеќе од 20 дена, нели?

Вториот пак дел од прашањето е дали сите национални институции го почитуваат овој закон и што станува со локалните институции и општините? Рурална Коалиција работи повеќе од 8 години во секторот земјоделство и рурален развој и сеуште мора да признаеме дека се соочуваме со институции или општини кои никогаш не одговориле на нашите барања за слободем пристап до информации од јавен карактер, па тука повторно се отвора прашањето дали непочитувањето на Законот освен преку механизмот за поднесување на жалба до Државната комисија за слободен пристап до информации од јавен карактер се проверува, но и санкционира соодветно од страна на власите?

Тука, исто така навистина би било предизвик да се направи мониторинг и да се види колку од нив одговараат на барањата особено ако станува збор за помали или пак за рурални општини, а нели и тие се администрација? Токму затоа неопходно е во наредната стратегија за реформа на јавната администрација да влезат и општините затоа што администрацијата не е само во Скопје и не само во националните институции;

Понатаму, ако говориме за транспаретноста и отвореноста со институциите и општините, првиот допир кој што најчесто го имаат граѓаните со општината особено во оваа ера на дигитализација е преку нивните веб страни. Потребата од нивна унификација е нужна! Ова се наведува од причина што во моментов страниците се толку различни од министерство до министерство, а и најчесто не се user friendly, или од општина до општина што просто не може да се дојде ни до најобични информации или документи, па имате и веб страници кои што не ги содржат основните податоци за општината, а камоли ли пак програми, буџети, годишни планови итн. Но, и не само тоа. Редовното ажурирање на сите веб страници на институциите, отворање на податоците околу стратешките планови, програми и други документи кои што се и законска обврска на институциите да ги објавуваат треба да стане редовна пракса, но и една од алатките врз основа на кои што ќе се оценува транспарентноста на институцијата. На пример, на Министерството за земјоделство може да ја најдете новата стратегија за земјоделство и рурален развој (која што инаку за коментари ни беше доставена во предфинална фаза, па немаше можност многу што да се додава или одзема, што пак го потврдува и наодот на мониторинг извештајот дека граѓанските организации се вклучуваат многу доцна во процесите на консултации), а не може да го најдете акцискиот план или годишната програма за работа на министерството затоа што тоа бил интерен документ. Или пак согласно Законот за еднакви можности законска обврска е на секоја институција да изготвува годишен извештај за родовите иницијативи и родовите статистики во институцијата, а последниот ваков објавен на МЗШВ е од 2012 година, а за објавување на буџети и годишни извештаи за финансии не може да стане ниту збор.

 

Во рамките на овој текст ќе опфатиме уште два пооделни сегменти и тоа:

– Кога е во прашање ЕНЕР, многу ретко (па речиси и никогаш) не може да се добие повратен одговор на коментарите на законското решение, односно нема повратен одговор од страна на институцијата дали и што од коментарите е прифатено, односно го нема feedback-от на институциите, а исто така треба да се работи и на поголема промоција на ЕНЕР, како и редовно известување од страна на институциите дека законските текстови се поставени таму, затоа што многу доцна или пак воопшто граѓанските организации доаѓаат до информацијата дека некој закон е поставен таму, па овие процеси мора да бидат многу потранспарентни и пристап и информација до истите треба да има што е можно поширок круг на граѓански организации и индивидуални граѓани секако, за да бидат процесите навистина инклузивни со вклучување на сите засегнати страни;

– Во најголемиот број од институциите на локално ниво, делот за поплаки го нема, па и да не сте задоволни од некоја услуга нема каде да се пожалите и да го искажете вашиот став и незадоволство, а кога говориме за дигитализацијата на услугите дефинитивно треба да се поработи на промоцијата на националниот портал uslugi.gov.mk на локално ниво, затоа што согласно последното истражување на Рурална Коалиција од март оваа година над 56% од локалното население не ни знаат за постоењето на ваквиот портал, а камоли пак да користат услуга од истиот, а исто така и тие што знаат за неговото постоење најчесто не ги користат услугите затоа што немаат доверба во електронските документи, па олеснувања, но промоција на е-услугите ќе биде неопходна во периодот кој што ни следува. Но, и покрај ова сепак ќе треба и понатаму да се проширува овој систем на услуги како во делот на нивно целосно добивање преку порталот, така и во поглед на внесување на нови услуги особено оние кои што се најмногу барани на локално ниво, како и понатамошно олеснување на системот на идентификација (на пример сега има 2 нивоа на идентификација на порталот што на пример е прекомплицирано)

 

Предлози за реализирање на чекор напред кога станува збор за реформата на јавната администрација:

– Локалната самоуправа и администрација дефинитивно треба да влезат во следната стратегија;

– Мониторинг и од страна на МИОА или друго тело кое што ќе следи дали она што е законска обврска на институциите се поставува на веб страниците (како буџети, стратешки документи, програми за работа, извештаи итн.) но и одреден вид на санкции или пак мотивациони награди за службениците кои што нема редовно да ги ажурираат податоците на веб страниците и да ги обезбедуваат навремено информациите преку слободен пристап како на национално така и на локално ниво или пак некој вид на пониско рангирање и на целата институција, а се со цел да се зголеми праксата на редовно објавување на информациите и да се зголеми транспарентноста и отчетноста на институциите;

– Еден дел од новата стратегија за реформа на јавната администрација барем да биде насочен и кон самото население, затоа што реформа на јавната администрација ни е потребна, но од друга страна потребно ни е и зајакнување на дигиталната писменост, не само на службениците во администрацијата туку исто така и на населението особено во делот на користењето на е-услугите.

 

И за крај, но не и помалку важно, треба да се спомене и порталот sledimereformi.mk каде што секој граѓанин ќе може да го сподели своето искуство (позитивно и негативно) при контактот и комуникацијата со јавната администрација на локално или национално ниво.

 

Овој текст е дел од коментарите на Рурална коалиција на процесот на спроведување на реформата на јавната администрација согласно Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2020 во чие што креирање организацијата исто така учествуваше.

Од јуни 2021 година Рурална коалиција започна со имплементација на проектот „Достапност на локалните е-услуги – чекор напред или чекор назад во реформата на jавната администрациjа“ кој што е насочен кон заjакнување на граѓанскиот мониторинг на давање на е-услуги од страна на руралните општини преку развоj на препораки и застапување за дигитализациjа на локално ниво.

Проектот е финансиран во рамките на проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од ЗБ за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 2.0 финансиран од страна на Европската Унија. Проектот WeBER 2.0 се спроведува од Центарот за европски политики – ЦЕП (Србија) како водечки партнер и партнерските организации: Институтот за демократија и медијација (Албанија), Иницијативата за надворешна политика (Босна и Херцеговина), Групата за правно-политички студии (Косово), Институтот Алтернатива (Црна Гора), Институтот за европска политика (EПИ) (Северна Македонија) и Центарот за европска политика (Белгија).

Автор: Лилјана К. Јоноски – РУРАЛНА КОАЛИЦИЈА

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи