Дигитализација во земјоделството

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Одржливото земјоделство е во срцето на „Целите за одржлив развој” на Обединетите Нации (ОН) и првиот основен чекор кон обезбедување на свет без глад (zero hunger). Согласно со Агендата на ОН, до 2030 година треба да бидат обезбедени одржливи системи за производство на храна и да се спроведат одржливи земјоделски практики што ја зголемуваат продуктивноста и производството, кои помагаат во одржување на еко-системите, кои го зајакнуваат капацитетот за прилагодување кон климатските промени, екстремните временски услови, сушата, поплавите и другите катастрофи и кои постепено го подобруваат квалитет на земјата и почвата.

Во време кога сме соочени со ефектите на пандемијата врз прехранбениот и земјоделскиот сектор, потребни се навремени мерки за да се осигура дека синџирите за снабдување со храна се одржуваат во живот за да се минимизира ризикот од големи шокови што имаат значително влијание врз сите, особено врз сиромашните и најранливите категории.

Улогата на дигиталната иновација во земјоделството е да се искористи моќта на дигиталните технологии да пилотираат, забрзаат и го зголемат обемот на иновативните идеи со висок потенцијал за позитивно влијание во земјоделството и производсвото на храна, а ќе се прилагодат на климатските промени. Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи.

 

Мерки за адаптација на климатските промени

Земјоделските технологии може да вклучуваат широк спектар на производи, услуги или апликации поврзани со земјоделството и прилагодување на климатските промени: беспилотни летала, сателитски фотографии и сензори, мрежи на сензори засновани на IoT (Интернет на нештата), следење на временски прогнози, автоматско наводнување, контрола на светлина и топлина, интелигентна анализа на софтвер за предвидување на штетници и болести кај растенијата, биотехника, управување со земјоделска механизација, управување со почвата како и решенија засновани на апликации со кои земјоделците преку нивните паметни телефони можат да добијат информации за цените на земјоделските култури, сезоната на сеење, имплементација на агротехнички мерки, техниките за берба, кога и каде да ги продаваат своите производи и сл.

Дополнително, дигитализацијата се однесува на дигитализација на пост-бербените активности и процесот на преработка на земјоделски производи што може да вклучува дигитални производи, услуги или апликации кои се користат за унапредување и следење на процесите од берба, транспорт, сортирање, складирање, пакување, етикетирање, преработка па се до доставување на пазарот со цел додавање вредност на производите, а притоа зголемувајќи ја ефикасноста на процесите, намалени загуби и отпад како и зголемена заштита на животната средина.

  • Паметно земјоделство

Паметното земјоделството има холистички пристап кон земјоделските иновации и претставува усвојување и комбинирање на паметни технологии како што се комбинација на сензори, Интернет на нештата (Internet of things – IoT), автоматизација и платформи базирани на облак кои го подобруваат секој аспект на управување со посевите и го трансформираат земјоделското производство.

  • Прецизно земјоделство

Прецизно земјоделство или специфично управување со земјоделски култури (SSCM), значи користење на сонди за мерење на одредени параметри, слики од сателити или дронови за креирање на стратегии за најдобра ефикасност и користење напредни земјоделски практики за следење, обработка и менаџирање со земјоделските посеви и насади.

  • Роботика и автоматизација

Напредната роботика, автоматизирана машинерија и беспилотни летала се клучни за зголемување на ефикасноста на земјоделското производство во иднина. Автоматизираната голема механизација може да преземе многу аспекти на земјоделството од големи размери. Новата генерација на прецизни роботски манипулатори можат да го лоцираат и идентификуваат производот, да го изберат и да го берат врз основа на неговата големина и степен на зрелост.

Дополнително, автоматските системи за наводнување го оптимизираат растот на посевите и употребата на вода за истите.

  • Биотехнологија

Неодамнешните достигнувања во биотехнологијата во голема мера придонесуваат за подобрување на земјоделското производство и прилагодување на климатските промени. Со помош на генетското инженерство се создава семе и саден материјал што е прилагоден на различни средини и климатски промени. Освен тоа, биотехнологијата помага и во идентификување на подобри начини за борба против штетниците.

  • Бази на податоци и вештачка интелигенција

Бази на податоци и Вештачката интелигенција ги оптимизираат скоро сите аспекти на управувањето со посевите преку користење на сонди и сензори кои ги евидентираат временските услови, како и евидентирање на промените во составот и структурата на почвата и ефикасноста во производството на земјоделските култури. Овие две технологии носат подобрувања во деловните и оперативните процеси врз база на веќе примени информации.

  • Дигитализација на пост-бербени активности и преработка

Дигиталните решенија може да се применливи во пост-бербени активности како операции за контролирано зреење и сушење, транспорт до центарот за пакување, сортирање, чистење, селекција, чување во контролирани температурни режими и атмосфера, системи за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, намалување на отпад од производите, инспекција од користени заштитни средства (пестициди, инсектициди) фумигација,  и дополнителни системи за контрола и подобрување на квалитетот. Предлогот за напредна дигитална технологија може да се однесува на одржливи начини и материјали за пакување, ре-дизајнирање и следење на процесот на преработка и обработка на податоците во секој дел од синџирот се до малопродажбата.

  • Дронови и сателити

Беспилотнитe летала (дронови) и сателити ги мерат и надгледуваат полињата, создаваат мапи на теренот, го контролираат квалитетот на работата на полињата и обезбедуваат голема количина на фито-геоморфолошки податоци за оптимално управување со земјоделството. На пример, мултиспектрални и хиперспектралните камери поставени на беспилотните летала покажуваат каква е употребата на вода и ѓубриво, приносот на култури и укажуваат на појавата на болести и штетници, што на крајот придонесува во решавањето на овие проблеми во рана фаза и се обезбедува поголем принос, како и навремено прилагодување на климатските промени

  • Интернет на нешта

Интернетот на нешта ги интегрира технологиите за сензори и решенијата за мониторинг во постојниот земјоделски процес (механизација) за да се генерираат прецизни податоци потребни во секојдневното донесување на одлуки на земјоделците и земјоделските бизниси. Обработката на податоци во реално време придонесува кон активирање и следење на ефективноста на системите за автоматизација и кон нивно идно подобрување.

Овој текст е извадок од брошурата Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатските промени во земјоделскиот сектор во Битола, подготвена од Мрежата на ЛАГови во рамките на проектот „ Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатските промени во земјоделскиот сектор во Битола“ финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија

 Автор : ЛАГ АГРО ЛИДЕР

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи