Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска соопшти дека е направен план за дигитализација со којшто ќе се овозможи речиси 200 судници низ државата да бидат опремени со соодветна опрема, која е донирана од повеќе странски субјекти, амбасадите на САД и Норвешка, ОБСЕ и ЕУ. Дигитализацијата треба да овозможи спроведување на онлајн судења. Маричиќ упати честитки до Судот во Кавадарци, како најподготвен и прв во процесот на дигитализација.
Маричиќ потенцира дека за да се спроведе планот за дигитализација потреби се и законски измени.
„Ние во Законот за парнична постапка којшто е во Собрание веќе ги направивме тие измени. Во Законот за кривична постапка се работи на тоа. Едноставно целта ни е да имаме брзо и ефикасно судење без бескрајни одлагања и без можности за отстапување или манипулации. Тоа е особено важно во пандемија кога пандемијата и реално е објективна пречка за ефикасна постапка, но исто така се користи понекогаш и за одлагања. Нашата цел е наредната година веќе да ја имаме монтирано опремата низ државата, низ овие 200 судници и секако да ја опремиме и судницата во затворот „Идризово“ што значително би ги намалило трошоците и би ги олеснило судењата барем за скопското подрачје“, истакна Маричиќ.