На денешен ден во 1900 година се родил еден од најпознатите македонски драмски писатели, Ристо Крле.
Ристо Крле е роден во Струга на 3 сепетември 1900 година, во семејство на чевларски мајстор. Завршил основно училиште и први клас гимназија до 1912, а втори клас се запишал дури четири години подоцна, под бугарска окупација. Рано останал без татко, па повторно бил приморан да го напушти школувањето и да работи.
Од 1920 до 1924 активно учествува во аматерската театарска група „Црн Дрим“. Следната 1925 година заминува во Подградец, Албанија, каде работел како чевлар. Тогаш ја слушнал приказната која ќе го опседне и за која ќе се обидува да пишува десетина години. Во неговата чевларска работилница дошол селанец да бара евтини чевли за мртовец. Ја раскажал трагичната приказна дека синот кога по 20 години печалба се вратил од Америка домашните не го препознале и го убиле.
Без искуство, но постојано прогонуван од случката, на крајот ја напишал пиесата во еден здив. Тоа било 1937 година, кога Крле ја напишал својата неповторлива „Парите се отепувачка“. Скопскиот театар ја прифатил и премиерата се одржала на 27.12.1938 година.
Тој ги напишал и драмите: „Антица“, „Милиони маченици“, „Гроф Миливој“, „Велик ден“. До крајот на животот ја пишувал својата „Автобиографија“. По Втората светска војна работел и живеел во Скопје. Починал на 29 октомври 1975 година.
Добитник е на награда за животно дело.