Со зголемување на цената на електричната енергија, се зголеми и комуналната такса за јавното осветлување што ја има во секоја сметка за струја, испратена до домаќинствата.
На новите сметки може да се забележи дека комуналната такса сега е 168 денари, а претходно беше 149 денари.
Во ЕВН објаснуваат дека, како што се променија износите на сите тарифи со поскапувањето на цената на струјата, така се промени и оваа ставка за јавно осветлување.
„Наплатата на паричните средства за комунална такса за осветлување се реализира преку ЕВН Македонија, но средствата во целост завршуваат во буџетот на општините кадешто припаѓа броилото на корисникот. Износот на комуналната такса е променет според одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, согласно која се променија и останати тарифи со годинешното поскапување од 12,3 %“, изјавија од ЕВН за „Слободен печат“.